Министерот за енергетика на Украина, Херман Галушченко изјави дека синоќа руските сили го извршиле најголемиот напад врз украинскиот енергетски сектор во последно време.
Галушченко рече дека целта на Русија не е само да го оштети енергетскиот систем на Украина, туку повторно да се обиде, како и минатата година, да предизвика дефект во работењето на енергетскиот систем од големи размери, пренесува Униан.
„За жал, има удари и оштетувања на производствените капацитети, системите за пренос и дистрибуција во неколку области. Покрај тоа, поради гранатирање, еден од далноводите што ја снабдува нуклеарната централа Запорожje е без струја“, напиша тој на Фејсбук.
Тој изјави дека во некои области има прекини на струја и дека инженерите веќе работат на враќање на струјата.
Руските сили синоќа изведоа масовни воздушни напади врз неколку области во Украина, а мета беа областите Запорожје, Харков, Лавов и Дњепропетровск, како и Криви Рих, пренесоа украинските медиуми.
Регионалните власти објавија дека руските напади оштетиле енергетска инфраструктура.