Односите меѓу Русија и САД се на работ на отворен вооружен конфликт, но Москва работи да го спречи тоа да се случи, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
– Ние работиме на тоа односите со САД да не паднат во бездната на отворен вооружен конфликт, ние веќе сме на работ, на работ на таа пропаст, рече тој.
Според Рјабков американските претставници се обидуваат да демонстрираат необврзаност и ја „туркаат тезата во светските медиуми дека Вашингтон не е вмешан“ во терористичкиот напад на Кремљ и нападот врз животот на рускиот претседател.
Според него, контактите меѓу Москва и Вашингтон се одржуваат кога е потребно, вклучително и на високо ниво. Има канали и се остваруваат контакти, вклучително доколку е потребно и на политичко највисокo ниво“, рече тој.
САД вчера во два наврати негираше каква била вмешаност или претходни сознанија дека ќе биде извршен некаков наводен напад од Украина врз Кремљ. – Изјавите на Русија дека нападот со дронови на Кремљ е организиран од САД се лажни, изјави вчера Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност во Белата куќа. -Очигледно тоа е апсурдно тврдење, рече Кирби во интервју за Си-Ен-Ен. – САД со ова никако не се поврзани. Ние дури не знаеме што всушност се случило, но можам да ве уверам дека САД не играат никаква улога во ова, изјави Кирби. Тој додаде дека Путин е агресор и може да го заврши конфликтот со повлекување на војската од територијата на Украина.