Австрискиот суд пресуди дека Јозеф Фрицл, кој ја држел својата ќерка во заробеништво 24 години, ја силувал и со неа добил седум деца, може да биде префрлен од психијатриски притвор во обичен затвор.
Државниот суд во градот Кремс во соопштение наведе дека 89-годишниот Јозеф Фрицл може да биде префрлен бидејќи тој повеќе не претставува вид на опасност што бара да биде задржан во психијатриски притвор.
Одлуката се заснова на сослушувањето на Фрицл на 30 април, како и на извештаите на форензичарите и психијатриските експерти, пренесува АП. Поради напредната деменција на Фрицл и лошото физичко здравје, психијатрискиот притвор повеќе не е неопходен за неговото „комбинирано растројство на личноста“, бидејќи тој повеќе не е изложен на ризик да изврши сериозни кривични дела, рече судот.
Судот изјави дека Фрицл може да биде префрлен во затвор на 10-годишен пробен период, но дека не може целосно да биде ослободен.
Во јануари, обвинителите поднесоа жалба на претходната одлука според која Фрицл може да биде префрлен во редовен затвор, а и двете страни имаат право на жалба на последната одлука на судот.
Неговото злосторство стана познато во 2008 година, а следната година беше осуден на доживотен затвор за инцест, силување, принуда, затворање и робување на неговата ќерка, како и убиство од небрежност на еден од неговите малолетни синови.
Фрицл стана познат како „Чудовиштето од Амштетен“ по градот во северна Австрија каде ја заклучил својата тогаш 18-годишна ќерка во звучно изолираниот подрум на неговата куќа во 1984 година.