Белорусија: Ќе учествуваме во руските нуклеарни вежби

beloruska-ruska-vojska.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Белорусија денеска објави дека нејзината војска учествува во втората фаза од вежбите за распоредување на руско тактичко нуклеарно оружје кое го нареди рускиот претседател Владимир Путин.

Првата фаза од вежбите се одржа во јужна Русија минатиот месец, во она што нуклеарните аналитичари го опишаа како предупредувачки знак на Путин за да го одврати Западот поактивно да влезе во војната во Украина.

Белорускиот министер за одбрана, генерал Виктор Хренин рече дека вежбите се проактивна мерка за „да ја зголемиме нашата подготвеност да користиме таканаречено оружје за возвраќање“.

„Сега, повеќе од кога било досега, ние сме решени да одговориме на какви било закани за нашата земја и за сојузот на Русија и Белорусија“, рече тој.

Тој не кажа каде се одржуваат вежбите и за каков тип на оружје станува збор. Белорусија дели граница со три земји членки на НАТО, Полска, Литванија и Латвија.

„Ние немаме за цел да создаваме никакви тензии во прашањата за регионалната безбедност. Ние не проектираме значителни воени закани за трети земји или некој друг“, додаде Хренин.

„Ние сме мирна земја, не се закануваме и не бараме конфликт со никого, но својот барут ќе го чуваме сув!“.

Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко минатата година најавија дека Русија ќе префрли дел од своето тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Станува збор за боеви глави наменети да се користат на бојното поле, за разлика од стратешкото оружје со долг дострел кое служи за уништување цели непријателски градови.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK