Проф. Трајковски: Тоа би било многу лоша зделка за државата

trajkovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Доколку и дозволиме на Владата да склучи договор за „стратешко партнерство“ со американската компанија „Џенерал Електрик“ за изградба на една или два гасни електрани во Македонија, тоа би било многу лоша зделка за државата. Слично како со Чебрен, постојат многу аспекти, но за почеток да го видиме најважниот, финансискиот.

Изградбата најверојатно би била според таканаречен договор за откуп на енергија (Power Purchase Agreement – PPA), којшто најчесто се склучува на многу долги периоди, сé до отплатата на инвестицијата. За целосно нова електрана тој период би изнесувал најмалку 20 години. Во тој период Македонија би била обврзана да го откупува целокупното производство на електраната по однапред договорена и гарантирана цена, носејќи и сигурна добивка на американската компанија.


Бидејќи се работи за енергија од гас, чија цена многу флуктуира на светските берзи, би било многу тешко, поточно невозможно однапред да се договори цената за период од 20 години, дури и со користење на финансиски деривати – фјучерси – кои немаат толку долг рок на доспевање. Тешко би било да се најде и продавач на гас кој би гарантирал цена во следните 20 години. Договорената цена сигурно не би би била на штета на странскиот „стратешки партнер“, туку поверојатно е дека би била на наша штета. Ако пак цената биде берзанска, откупените количества повторно би биле загарантирани, што е полошо отколку самите да купуваме на берза кога сакаме и колку што сакаме.

Единствено со амерканската компанија би можел да се договори делот од цената на електричната енергија над цената на гасот за нејзино производство, а тоа е практично делот од цената за отплата на инвестицијата, поточно еден вид кредитирање. Цената на капиталот, односно стапката на принос на инвестицијата нема да биде ниска и сигурно би изнесувала најмалку 10% годишно. Сé до целосната отплата електраната би била заложена под еден вид хипотека, а ние би морале да откупуваме гарантирани количества енергија по гарантирана цена.

Ако е така, тогаш зошто да не подигнеме самите класичен кредит, со каматна стапка што моментално изнесува околу 6% годишно, па самите да не инвестираме во изградбата? Отплатата би била загарантирана, исто како што би била загарантирана за американската компанија, но при помали трошоци на капиталот.
Тоа е првиот аспект, сличен како за ПАХЕ „Чебрен“. Не дај боже да побараат уште и наше учество во форма на вложување на РЕК Битола или ТЕ Неготино.

Второ. Градбата на нова електрана нема да биде евтина. За нова електрана од 500 MW којашто би работела во комбиниран, гасно-парен циклус, цената би изнесувала најмалку 500 милиони евра, не сметајкќи ги каматните трошоци. Но, како што кажав претходно, во моментот многу евтино се продава половна гасна централа од 2 Х 150 MW, многу малку работена, којашто можеме да ја поврземе со ТЕ „Неготино“ која стои речиси неупотребена уште од нејзината изградба.
За само стотина милиони евра, заедно со сите трошоци за демонтажа, релокација, освежување и инсталација, би добиле 450-500 MW електрична енергија (колку два блока од РЕК Битола) и стотина мегавати топлинска енергија за далечинско греење. Доколку работи само по 12 часа на ден, таа би произведувала околу 2000 GWh електрична енергија годишно, односно приближно колку што моментално увезуваме по берзански цени.

Иако цената на електричната енергија од гас е многу висока, ако на отплата на оваа целосно наша централа отпаднат 15 евра/MWh, ние би ја вратиле инвестицијата за само 3 години! Тоа би била најбрзата Зелена транзиција за земјава, иако на долг рок би требало да градиме и други извори на „зелена“ енергија.
Толку ли сме богати да градиме нова централа и да ја честиме американската компанија со солиден принос цели 20 години, додека нам дома ни стои неискористена термоецентрала со парен дел, а можеме да купиме и многу малку работена гасна централа и со сопствено финансирање да ја изградиме и отплатиме за само 3 години?

Не смееме да дозволиме и оваа штетна зделка да им помине, како многу други претходно. Па ние само на фантомската фирма Некст еГо за наводни електрични автомобили пред две години им подаривме 40 милиони евра, а не видовме никаква корист.
Инаку доколку властите се заинтересирани, веќе неколку инженери сме подготвени веднаш да отпатуваме, макар на личен трошок, за да ја видиме гасната централа што се продава. Мора да се дејствува брзо, бидејќи понудата нема да трае долго.
====================
На сликата: камен-темелникот на несудената фабрика за електрични автомобили во тетовско Желино каде Владата фрли 42 милиони евра во неповрат. Симбол на расипничкото однесување на нашите власти.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK