Фудбалерот од средниот ред на Њукасл Јунајтед, Сандро Тонали, призна дека претстојното гостување на Милан во групната фаза во Лигата на шампионите ќе биде 90% емоции. 23-годишниот Италијанец ќе се врати на „Сан Сиро“ за првпат откако го напушти Милан во јули. Тој направи трансфер во англискиот клуб за 70 милиони евра.
Тонали призна дека чувството да се соочиш со навивачите на Милан ќе биде чудно, но нема да биде проблем кога ќе започне натпреварот.
„Навивачите на Милан се посебни и ќе ги паметам засекогаш. Тоа е тимот за кој навивам и ми даде шанса да успеам. Но, работите се сменија и сега сум противник, па морам да се носам со тоа“, изјави Сандро Тонали во пресрет на вечерашниот натпревар во Милано.
За таткото на фудбалерот, кој е жесток симпатизер на Милан, вечерашниот натпревар ќе биде тешко искуство.
„Не знам за кого ќе навива. Не сакам да сум во неговата глава, но мислам дека ќе се грижи за мене. Се надевам дека ќе навива за мене, но тешко е да се влезе во нечија глава кога е во прашање неговиот омилен тим. Мислам дека ќе навива и за Милан и мене. Можеби ќе сака реми“, призна Тонали.