Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се огласи по бројните реакции што ги предизвика одлуката да биде суспендирана казната на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун, со што му беше овозможено да настапи во осминафиналето на Светското првенство против Белгија.
Инфантино порача дека дисциплинските тела на ФИФА се целосно независни и дека одлуките ги носат исклучиво врз основа на правилата и фактите.
„Видов бројни коментари за одлуката на независната Дисциплинска комисија на ФИФА во случајот со Фоларин Балогун и сакам уште еднаш да го нагласам основниот принцип на управување во ФИФА. Нашите правосудни тела дејствуваат целосно независно, го применуваат Дисциплинскиот правилник на ФИФА и одлучуваат врз основа на важечките прописи и фактите за секој поединечен случај. Нивната независност е клучна за кредибилитетот и интегритетот на фудбалот“, порача Инфантино.
Првиот човек на ФИФА потврди и дека разговарал со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, но нагласи дека таквите разговори не влијаат врз донесувањето на одлуките.
„Да, редовно разговарам со претседателот на Соединетите Американски Држави за прашања поврзани со Светското првенство. Во врска со овој случај го примив неговиот повик, како што примам повици од шефови на држави, државни функционери и други чинители од целиот свет. Во текот на разговорот објаснив дека правната постапка е во тек и дека одлуката ќе ја донесат исклучиво надлежните, независни тела на ФИФА.“
Инфантино додаде дека не се меша во работата на дисциплинските органи и дека за нивните одлуки дознава дури откако ќе бидат донесени.
„Одлуките на Дисциплинската комисија ги читам кога ќе бидат објавени. Понекогаш ме изненадуваат, понекогаш се согласувам со нив, а понекогаш не. Без оглед на тоа, секогаш ја почитувам автономијата на телата што ги носат. Токму почитувањето на независните институции и владеењето на правото го чува интегритетот на нашите натпреварувања и кредибилитетот на ФИФА“, заклучи претседателот на ФИФА.