– Вчера во Охрид официјално започна Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност 2026, во организација на Македонија2025, под покровителство на Претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова.
Оваа година се одржува шестото издание на Кампот, на кое учествуваат 23 деца на возраст од 11 до 15 години. Од нив, 13 учесници се од македонската дијаспора – од САД, Германија, Малта, Србија и Обединетите Арапски Емирати, додека 10 учесници се од Македонија, од повеќе градови низ државата. Како и во изминатите години, дел од учесниците се деца од социјално ранливи семејства, за кои Македонија2025 обезбеди целосни стипендии, овозможувајќи им еднаков пристап до квалитетно СТЕМ образование и незаборавно животно искуство.
Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност има за цел преку интензивна еднонеделна програма да ги поттикне младите да ги развиваат своите знаења и практични вештини во областа на роботиката, програмирањето, кодирањето и иновациите. Покрај техничките знаења, Кампот има и силна мисија за поврзување на младите од дијаспората со нивните македонски корени, култура и традиција, како и за создавање трајни пријателства меѓу младите од Македонија и светот.
Програмата вклучува интерактивни СТЕМ работилници, развој на роботски решенија и тимски проекти, работилници за дизајн размислување, посета на Костал Македонија, културни активности и креативни работилници, спортски содржини и запознавање со богатото културно наследство на Охрид. Посебен акцент е ставен на практичното учење, критичкото размислување, тимската работа и развојот на лидерски вештини.
На 10 јули ќе се одржи свечената церемонија на доделување сертификати, на која учесниците ќе ги презентираат своите проекти, а сертификатите лично ќе им ги врачи Претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, покровител на Кампот.

Македонија2025 изразува искрена благодарност до програмските партнери Центарот за технологија, роботика и иновации (CTRI), Браинстер и iSource, кои го реализираат едукативниот дел од програма на Кампот.
Посебна благодарност упатуваме и до нашите поддржувачи Триглав Осигурување АД Скопје, Алкалоид, Костал Македонија, Витаминка АД Прилеп, Пелистерка, Фруктал и Форест Бар, како и неколку индивидуални поддржувачи, чија доверба и придонес овозможуваат оваа програма успешно да се реализира и оваа година. Нивната поддршка отвора нови можности за младите учесници, особено за децата од социјално ранливи семејства, и придонесува кон создавање нови генерации млади иноватори, идни STEM лидери и амбасадори на знаењето, креативноста и македонскиот потенцијал.
Преку Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност, Македонија2025 продолжува да инвестира во младите таленти, создавајќи простор каде знаењето, иновациите и македонскиот идентитет се поврзуваат во едно незаборавно искуство кое остава трајно влијание врз идните генерации.