Ковачевски и Гир во увид на работите на експресниот пат од Градско до клучката Дреново

pat
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската унија, заедно со Благој Бочварски, министер за транспорт и врски и Ејуп Рустеми, директор на јавното претпријатие „Државни патишта“, денеска ќе извршат увид во тековните работи на делницата Градско – Дреново на кракот 10д на паневропскиот Коридор 10.

Како што најавија од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, изјави за медиумите во 10.15 часот ќе дадат амбасадорот Гир и премиерот Ковачевски.


– Работите на новата експресна делница меѓу Градско и клучката Дреново се во тек, достигнувајќи стапка на завршеност од 75 проценти. Делницата долга 15,5 километри со 2+2 ленти ќе придонесе за понатамошен развој на Главната регионална транспортна мрежа на Југоисточна Европа, се појаснува во соопштението од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

Работите на делницата Градско – Дреново се финансираат во рамки на Инструментот за претпристапување на Европската Унија и од националниот буџет.

– Откако ќе биде завршена, делницата ќе функционира како дел од кракот 10д на Коридорот 10 кој го поврзува Велес (МК) со Игуменица (ГР) преку Прилеп, Битола и Лерин (Виа Игнациа). Подобрениот внатрешен и меѓународниот сообраќај ќе ги подобри трговските текови, економскиот развој и кохезија, но и безбедноста на транспортот. Директни придобивки од завршувањето на делницата Градско – Дреново ќе имаат општините Градско, Росоман и Прилеп. Транспортните мрежи обезбедуваат пристап до клучните јавни услуги, помагаат во зајакнувањето на економијата во оддалечените области, создавајќи работни места и придонесувајќи за подобар квалитет на живот, се наведува во соопштението.

Од 2007 година, ЕУ изгради 100 километри автопат долж Коридорите 8 и 10 и поврза 60 населени места во 40 општини со 64 километри патишта. Беа обновени 11 железнички станици и санирани 18 мостови за да се направи транспортот побезбеден и да се зголеми економијата.

По настанот кај Градско-Дреново, соопштија, амбасадорот Гир ќе ја посети општина Радовиш, како дел од низата на општински посети „ЕУ со ТЕБЕ“, организирани по отворањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ во јули 2022 година. Целта на посетите, посочуваат, е да се има отворена дискусија со локалните власти и граѓаните за процесот на преговори за пристапување во ЕУ и за нивното влијание врз секојдневниот живот на граѓаните.

За време на престојот во Радовиш, амбасадорот Гир ќе се сретне со градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов, членовите на Советот на општината и претставници на граѓанските организации. Тој ќе учествува и на кафе-дебата со граѓаните за да одговори на прашања поврзани со европскиот пат на Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK