Ѓуровска: Нашето законодавство е речиси половина усогласено со европското, но ќе биде исполнето кога луѓето ќе почнат да го практикуваат

gjurovska_34543534
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Се смета дека нашето национално законодавство е усогласено со европското во обем од приближно 45 проценти. Остваруваме висока продуктивност во креирање на закони и на други јавни политики чија основна цел е да го направат подобар животот во заедницата. Меѓутоа, правото не е исполнето со изгласувањето на некој закон, туку тогаш кога луѓето ќе почнат да го практикуваат во својот секојдневен живот, вели во интервју за МИА проф. д-р Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК и преседател на Европско движење во Северна Македонија.







-Во извештаите на Европската комисија редовно се укажува на ниското ниво на спроведување на законите што го оневозможува напредувањето во реформите кои се многу значајни за евро-интегративниот процес. Една од главните причини за незадоволителното ниво на спроведување на законите во практиката е нискиот авторитет на институциите кои треба да ги спроведат нив. Треба многу да се направи за граѓаните да стекнат перцепција дека законите важат за сите подеднакво. Владењето на правото е термин кој го слушаме многу често и тоа е базична европска вредност, меѓутоа не го забележуваме низ практиките во болниците, вработувањата, напредувањето во кариерите, но и во други витални подрачја кои треба да бидат модел на однесување за јавноста, вели Ѓуровска за МИА.

За растот на евроскептицизам во општеството, таа вели дека по 18 години поминати во кандидатски статус, не треба да биде за изненадување промената на перцепциите на граѓаните во однос на ЕУ, бидејќи, како што вели, граѓаните не се сигурни дали барањето за промена на Уставот е последното барање за ремоделирање на државата според желбите на соседите.

Сепак, вели Ѓуровска, многу подобар начин на градење на меѓусоседски односи е оној што ќе се направи преку граѓанските инцијативи за соработка, преку заеднички проекти, пријателски и семејни посети.

Во продолжение следува интервјуто за МИА со проф. д-р Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК и преседател на Европско движење во Северна Македонија во целост:

Вие сте Национален координатор на Националната конвенција за Европската унија во република Северна Македонија (НКЕУ-МК) којашто веќе шест години по ред успешно придонесува во евроинтеграциските процеси. Одржавте преку 50 сесии за одредени преговарачки поглавја, во кои учествуваат претставници на власта, претставници на различни институции, судии, обвинители, домашни и меѓународни експерти, претставници на граѓански сектор и други засегнати страни. Беа усвоени низа препораки. Колку од нив беа имплементирани и со кои проблеми се соочува нивната имплементација? Дали сметате дека и законите што се носат заради усогласување со оние на ЕУ имаат практична примена или се само за на хартија?

-Од досега одржаните сесии на НКЕУ-МК беа усвоени над 600 препораки кои во суштина претствуваат решенија на одредени проблеми според европските стандарди. Препораки се предлагаат од сите учесници кои застапуваат различни засегнати стрaни. Ваквиот пристап овозможува да се развие и механизам за нивна имплементација. Според НКЕУ-МК, не мора да значи дека само едната страна е секогаш во право, односно целата експертиза не мора да доаѓа само од една страна. Демократскиот дијалог во кој се вклучени различни страни придонесува препораките, но и јавните политики за кои се дискутира, да бидат соодветно разбрани, дополнети и пренесени во групите на кои ѝм припаѓаат учесниците. На овој начин се зголемува бројот на каналите преку кои ќе бидат пренесени препораките до пошироката јавност. Овој механизм е значаен и за имплементацијата на законите. Претендирањето законите да бидат создавани со учество на сите засегнати страни, но и со широки расправи, има цел тие да бидат подобрени и научени од страна на граѓаните што е услов тие да бидат спроведени. Носењето на закони со брзи постапки, кога треба и кога не треба, како и кусото време за јавни расправи го суспендира овој значаен механизам којшто помага во имплементацијата.

Се смета дека нашето национално законодавство е усогласено со европското во обем од приближно 45 проценти. Остваруваме висока продуктивност во креирање на закони и на други јавни политики чија основна цел е да го направат подобар животот во заедницата. Меѓутоа, правото не е исполнето со изгласувањето на некој закон, туку тогаш кога луѓето ќе почнат да го практикуваат во својот секојдневен живот. Во извештаите на Европската комисија редовно се укажува на ниското ниво на спроведување на законите што го оневозможува напредувањето во реформите кои се многу значајни за евро-интегративниот процес. Една од главните причини за незадоволителното ниво на спроведување на законите во практиката е нискиот авторитет на институциите кои треба да ги спроведат нив. Треба многу да се направи за граѓаните да стекнат перцепција дека законите важат за сите подеднакво. Владењето на правото е термин кој го слушаме многу често и тоа е базична европска вредност, меѓутоа не го забележуваме низ практиките во болниците, вработувањата, напредувањето во кариерите, но и во други витални подрачја кои треба да бидат модел на однесување за јавноста. Она што е најважно, според експерите во НКЕУ-МК, е почитувањето на процедурите. Граѓаните не се толку осетливи на резултатите, колку што ги засегаат процедурите.

Во однос на препораките на НКЕУ-МК можеме да заклучиме дека тие остварија определено влијание врз институциите. Самиот дијалог во кој институциите прифатија да бидат дел и да дискутираат на иста маса, лице в лице, со другите општествени фактори значеше чекор напред во исполнувањето на критериумите од преговарачката рамка – демократизација на евро-интегративниот процес. Во период од шест години институциите беа редовни во дебатите на кои ги презентираа своите гледишта пред поширок стручен аудиториум, но ги слушаа и резултатите за истата тема од другите кои укажуваа на проблеми од практиката. Аргуметираната експертска критика, не така ретка на сесиите, отвораше нови перспективи, што треба да се сфати како предизвик за промени. Многу од препораките се однесуваа на нотирање на ЕУ-директивите кои треба да бидат внесени во нашата легислатива со што се подвлекуваше нивното значаење, но дејствуваше на експертите да ги користат како инструмент во дефинирањето на решенијата. Меѓутоа, една од препораките што се повторуваше во сите пет работни групи постигна најголема ефикасност, а таа е поврзана со континуираното барање на сите засегнати страни да бидат консултирани во подготовките на јавните политики и легислативата – што денес значително присутна во практика.

Во Поглавјето 24, Правда, слобода и безбедност многу сесии беа посветени на миграциите и безбедноста на европските граници и беа донесени многу препораки чија ефективност е значителна. Анализата на препораките кои се објавени во последната публикација на НКЕУ-МК (Втора книга на препораки, 2023) покажуваат дека речиси половина од препораките биле дел од промените кои се случувале во определени области.

Објаснувачкиот и билатералниот скрининг се во тек, следната етапа доколку се случат уставни измени ќе биде отворање на првиот преговарачки Кластер Темели. Колку граѓанските организации се вклучени во процесот на преговори и на кој начин?

-Објаснувачкиот скрининг беше процес којшто можеше да биде следен и од граѓанските здруженија. Оваа отвореност им овозможи и на членовите на НКЕУ-МК да ги следат поглавјата во кои таа дејствува. Скринингот укажа на сложеноста и обемот на техничките аспекти кои треба да бидат усвојувани во текот на преговорите. Ние досега не бевме во официјален процес на преговори. Преговорите ги започнуваме според новата кластерска методологија и во моментов во НКЕУ-МК се работи на градење на пристап којшто ќе ги обедини поглавјата во кластерите.

Преговорите започнуваат со Кластер 1 што ќе биде отворен во целиот преговарачки период. Самиот назив на овој кластер „Темелни вредности“ покажува дека тој ќе го контролира целиот процес на исполнување на критериумите и во другите кластери. Оттаму и зголемениот интерес на граѓанските здруженија за поглавјата од Кластер -1 што ќе биде од значаен придонес за преговарачкиот процес. Во Секретаријатот за европски прашањa се работи на креирање модел за вклучување на граѓанските здруженија во преговарачкиот процес. Изработен е модел што интегрира повеќе компатибилни модалитети, но тоа сѐ уште е куса работна верзија која треба да се конкретизира. Особено радува фактот дека меѓу модалитетите се наоѓа и НКЕУ-МК. Меѓутоа, со оглед на незначителната активност на Одделението за соработка на Владата со граѓанските здруженија кое ја добива улогата на значајна инстанција на координација на учеството на граѓанскиот сектор се наметнуваат прашања за внатрешниот капацитет на ова тело кое можеби би требело да се реформира.

Искуствата на другите држави кои веќе водат преговори покажува дека и тие самите се на почеток на разбирање и конкретизација на кластерската методологија, што значително нѐ охрабри и нас. Се истакнува дека некои од поглавјата сами по себе се многу сложени и без интегрален пристап на поглавјата во еден кластер, какво што е на пример Поглавјето 27, Животна средина. Регионалниот проект што ги обединува во заедничка платформа Националните конвенции од Албанија, Македонија и Србија со наслов „Правдата нека владее со регионот“ подржан од Холандија значително ќе придонесе во размена на искуства и јакнење на националната експертиза. Минатиот месец беше одржана првата регионална средба на која експертите изразија подготвеност да се прошират националните инцијативи за побрзи реформи во Кластер -1. Националниот конвент на Србија има подолга традиција во својата работа, од 2014, а земјата е со поголемо преговарачко искуство коешто е значајно да биде споделено со другите држави кои се во преговарачки процес.

Според последните анкети, евроскептицизмот расте, а довербата на граѓаните во институциите опаѓа, тоа особено се однесува на довербата во правосудството. Според анкетата Еврометар на Евротинк, граѓаните најмногу доверба имаат во Армијата, но она што е интересно е дека се зголемува нивната доверба во граѓанскиот сектор. Дали граѓаните во вас гледаат двигател на промени во општеството?

-Вообичаено постојат определени резерви кон податоците од анкетите кои веројатно се оправдани од методолошка гледна точка. Меѓутоа, перцепцијата на граѓаните е многу важна за да се добие приближно реална слика за општеството, а особено важна за креирање на јавните политики и за проценка на нивото на нивната имплементација. Не е чудно што Армијата има висок рејтинг бидејќи станува збор за посебен систем базиран на посебни правила, дисциплина, а перцепцијата на граѓаните се креира врз основа на тоа како тој се рефлектира во нивното секојдневно живеење. Армијата секогаш е на првата линија од гаснење на пожари, справување со поплави, помош во секоја кризна ситуација што влијае позитивно на перцепцијата. Меѓутоа, искуствата од другите системи, правосудство, здравството, образование…, креира други перцепции.

На пример, во однос на правосудството, не само нашите национални анкети, туку и анкетите во регионални рамки покажуваат надолен тренд, и тоа со оглед на сите индикатори. Според Балкан Барометар 2022 (спроведена од Регионалниот совет за соработка од Сараево), времетраењето на постапките и пристапноста се влошени за пет отсто, трошоците се поголеми за четири отсто, транспарентноста е намалена за два отсто во однос на претходната година.

Северна Македонија е на прво место според должината на постапките (68 отсто граѓани имаат негативна перцепција) и според судските трошоци (62 проценти). Но, има подобар рејтинг во поглед на транспарентноста – факт кој треба да биде земен предвид при натамошните анализи за правосудството бидејќи станува збор за многу значаен фактор за промени. Имено, актуелните состојби и ферментациите во оваа област кои доминираат во јавноста се должат на поголемата транспарентност што овозможува граѓаните да ги учат правилата. Казнувањето на сторителите на кривични дејствија, особно кога станува збор за корупцијата има своја поучна страна. Исто важи за неказнивоста и таа дејствува поучно, но во спротивна насока од очекувањата.

Според анкетите, угледот на граѓанскиот сектор се зголемува. Граѓаните се во право. Многу од граѓанските здруженија ја извршуваат својата граѓанска мисија: ги застапуваат граѓаните во креирање на јавни политики и закони, во давањето на правна, социјална и друг вид подршка, во заштита на животната средина и друго. Сепак, граѓанскиот активизам во нашата држава нема долга традиција каква што ја има Европа или САД која се создавала низ долгата историја. Не губејќи ја предвид мисијата да придонесе за демократизација на општеството – во реалноста солидно манифестирана од значителен број на наши здруженија, македонското граѓанско општество ја содржи и модерната компонента која нив ги прави „невладини институции“ според терминологијата на Џон Кин.

Тие се само-организирани, автономни, но регулирани со закон и функционираат до моментот кога успеваат да обезбедат финансии од донаторите – меѓу кои се и самите влади. Тие извршуваат значајни функции во сложеното општествено опкружување во кое државните институции не се во состојба целосно да одговорат на сите предизвици меѓу кои се особено значајни предизвиците поврзани со евро-интегративниот процес. Граѓанскиот сектор во Северна Македонија има акумулирана експертиза за сите поглавја која е исклучително значајна за преговарачкиот процес. Она што недостига е начинот на кој овој сектор ќе се обедини, односно конкурентскиот пристап кој создава исклучителна динамика да биде надополнет со јакнењето на довербата.

Европското движење (ЕММК) се оформи во 1991 година како Совет на Меѓународното европско движење во Брисел – создадено на Конгресот во Хаг во 1948 година како прва европска организација која го иницираше создавањето на Советот на Европа, а подоцна и Европската заедница. ЕММК уште од самиот почеток на транзицијата се залагаше за европска иднина на државава. Членовите главно се регрутираат од интелектуалната универзитетска елита и веќе е традиција ЕММК да биде место каде се продолжува учењето за Европската Унија и за европската интеграција низ многуте активности чија цел е да се афирмира овој процес меѓу поширок круг на граѓани. Сѐ уште доминира волонтерскиот пристап. Од многубројното членство (над 200) активни сe 50 членови. Карактеристично за ЕММК е поврзувањето со граѓаните без оглед на нивната политичка афилијација. Некои од нив се членови на различни политички партии, но ги обединува идејата за европската иднина. ЕММК е место каде се градат пријателства – дома, но и со нашите европски партнери, место од каде што почнуваат нови кариери и нови видици.

Според анкетата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и на Фондацијата „Конрад Аденауер“, големо мнозинство македонски граѓани се против условот Бугарите да бидат внесени во Уставот за да продолжат преговорите за членство со ЕУ. Од друга страна во ЕУ не е можно да се смени условот за промена на Уставот и тоа ќе мора да се случи, на овој или на оној начин. Како го коментирате ова и што доколку не се завршат уставните измени паралелно со билатералниот скрининг, до ноември 2023, што ќе значи тоа за земјава?

-Податоците од повеќе национални анкети покажуваат дека значително се намалува подршката на македонските граѓани за европската интеграција. Само пред една декада над 80 отсто од граѓаните изразуваа голем ентузијазам кон евроинтегративниот процес. Според анкетите сѐ уште 58 отсто од граѓаните сметаат дека членството во ЕУ е најдобрата алтернатива. Меѓутоа мал број на граѓани веруваат дека членството ќе се случи наскоро (само 12 отсто веруваат дека тоа би се случило за период од пет години). Овие податоци покажуваат дека е неопходно да се работи на враќањето на оптимизмот кај граѓаните.

Во однос на ова прашање Владата и институциите покажуваат широка, декларативно изразена политичката волја која е многу важен аспект, но треба многу повеќе од тоа. Европската Унија, од друг страна, заострувајќи ја политиката на условување ги истоштува државите кандидатки што влијае на бавноста на рефомите – предизвикувајќи бавност во европеизација на државата. Немаме пример на друга држава која на патот кон ЕУ била соочена со условувања од политички карактер што сега ѝ се наметнати на Северна Македонија.

Поминаа 18 години од добивањето на кандидатски статус и не треба да биде изненадувачка промената на перцепциите на граѓаните во однос на ЕУ. Тие не се сигурни дали барањето за промена на Уставот е последното барање за ремоделирање на државата според желбите на соседите. Сепак, многу подобар начин на градење на меѓусоседски односи е оној што ќе се направи преку граѓанските инцијативи за соработка, преку заеднички проекти, пријателски и семејни посети. Многу е важно да се создава нова историја на заедништво за да може и во овој момент граѓаните да ја почувстуваат силата на европските вредности. Овој чин на длабоки промени што се случуваат во идентитетските основи на државата е историски чин кој ќе биде читан од идните генерации, со наше длабоко уверување дека архитектите денес ги донеле вистинските решенија.

Што е следна етапа во работата на Националната конвенција НКЕУ-МК, кои активности планирате да ги спроведете?

-Во моментов НКЕУ-МК го релизира својот четврт циклус кој е поддржан од Европската Унија и се однесува на јакнење на организацискиот капацитет за примена на кластерскиот пристап. Од овој циклус веќе се одржаа првите сесии на претходно формираните работни групи од Поглавјето 23 (Правосудство и темелни права) и Поглавјето 24 (Правда, слобода и безбедност), а во тек е формирање на нова работна група која го носи називот „Антикорупција“ која ги обединува Поглавјето 5 (Јавни набавки), Поглавје 18 (Статистика) и Поглавјето 32 (Финансиска контрола). Овие три работни групи треба да создадат синергија, а тоа значи креирање на препораки за владеење на правото и борбата против корупцијата преку прашањата поврзани со ефикасноста на правосудниот систем, посветеност на остварување на темелните права, јакнење на институциите за спроведување на правдата, јакнење на механизмите за спречување на злоупортебата на јавните ресурси и финансиска отченост во трошењето на јавните пари.

Во текот на оваа година очекуваме да продолжат активностите и во другите работни групи кои беа во рамките на НКЕУ-МК во последните шест години. Исто така, очекуваме поголем број на граѓански здруженија да се вклучат во оваа платформа чија цел е да го демократизира преговарачкиот процес со уверување дека структурираниот дијалог е солидна платформа за обединување и афирмација на граѓанските инцијативи.

Методологијата на НКЕУ-МК во целиот регион дава солидни резулатати. Беше развиена од страна на Република Словачка во времето на нејзиното пристапување кон ЕУ, а нејзиното спроведување во регионот беше подржано од Фондацијата на Минстерството за надворешни работи на Словачка и Асоцијацијата за надворешна политика на Словачка, како и од УСАИД во сите претходни циклуси на НКЕУ-МК.

Неда Димова Прокиќ

Фото: Фросина Насковиќ

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK