– И денеска продолжија теренските активности на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на кампањата „Ова е Македонија за сите“ во општина Македонска Каменица, населените места Луковица, Тодоровци, Мошница, Саса, како и населените места Куклиш, Банско и Свидовица.
Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, при средбата со граѓаните во општина Македонска Каменица и во населените места Луковица, Тодоровци, Мошница и Саса, изјавил дека сакаат изворно да слушнат од граѓаните кои проблеми ги мачат за да дадат предлог решенија за во програма за следните парламентарни избори.
Ковачки додал дека белата чума зема се поголем замав во земјава.
Сето тоа, истакнал Ковачки, е последица на системот кој што не функционира односно за немањето на еден здравствен систем, образовен систем, немање на еден правосуден систем што ќе ја гарантира правдата за сите граѓани во државата.
– И гледаме дека ЕУ предупредува на злоупотребата на европското знаменце посебно за најкриминалниот тендер во историјата на Република Македонија кој што го потпишаа Артан Груби и Димитар Ковачевски, рекол Ковачки, соопштија од ВМРО – ДПМНЕ.
Тој потенцирал дека ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди решенија за сите Македонци, за сите Албанци, Турци, Власи, Бошњаци итн. Затоа што, истакнал, ова е Македонија за сите луѓе.
Пратеничката и членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова при денешната теренска активност на ВМРО-ДПМНЕ „Ова е Македонија за сите“ беше во посета на населените места Куклиш, Банско и Свидовица.
Според неа, ниту еден од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, нема дојдено во посета на овие места.
– Она кое што сега го слушнавме од граѓаните во населеното место Куклиш е дека сите овие години додека се СДСМ и ДУИ на власт ниту еднаш, ниту еден од Министерството на земјоделие нема стапнато во ова населено место и нема прашано за проблемите со кои се соочуваат производителите на раноградинарски производи кои генерално се наоѓаат во овие населени места, рекла Панова.
Панова, како што соопштија од ВМРО – ДПМНЕ, потенцирала дека граѓаните од овие села имаат големи проблеми, а откупните цени и самите цени во изминатиот период поради кризата им биле блокирани, а генерално сиромаштијата се повеќе зема замав.