Љубители на трчањето и еко-активисти засадија 130 дрвца во саботата на 1 март 2025 година. Садниците од јасен, јавор, мини даб и црн бор беа засадени на локација близу до врвот на Водно, на локација определена од Град Скопје и со поддршка од екипа на вработени во ЈП Паркови и Парк – шума Водно.
За некои од присутните дечиња ова беше прилика да го засадат своето прво дрво.
Настанот беше искористен и за зелена дружба и вмрежување. Присутните споделуваа знаење за зачувување на животната средина, разговараа за предизвиците и бенефитите од трчањето и се договараа за идни активности во кои може да се спојат практики за одржливо живеење и спортски активности.
Преку организирање на вакви настани се испраќа пораката за потребата од практикување здрави навики и постојано зазеленување на нашите места за живеење. Следно садење на дрвца е планирано за 22 март 2025 година, на локација која дополнително ќе ја објавиме на нашите социјални мрежи: https://www.instagram.com/trcajzazelenaidnina/ и https://www.facebook.com/profile.php?id=61573129742948.
Активностите се дел од проектот „Трчај за Зелена Иднина“ кој го спроведува Атлетски клуб АККА Скопје во партнерство со Здружение за зелено општество – Гринер. Неговата цел е да придонесува да се подигне свеста за еколошките проблеми и да се направи позитивно еколошко влијание преку организирање трки кои вклучуваат собирање отпад (Plogging), садење дрвја и промовирање на настани без отпад. Проектот е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија.