ДУИ повеќе од две децении не го донесоа Законот за правична и соодветна застапеност. Вчерашната драма е обид за покривање на сопствениот срам, истакна на прес-конференција „Шабан Ајллајбегу
од Вреди“
За првпат, вели тој, правичната и соодветна застапеност станува законско решение. „„Вреди“ после 25 години од Охридскиот рамковен договор законски го решава ова прашање. Не со крпеници, не со импровизации, а уште помалку со алатки што денес ги има, а утре ги нема, туку со закон. Правичната застапеност и вработувањето на албанците во јавниот сектор повеќе нема да биде предмет на политички пазарења или партиски желби. Од овој момент вработувањето на албанците во јавниот сектор е законска обврска.
„Вреди“ побара овој закон да оди со Бадентер, затоа што ова не е прашање на една партија. Ова е прашање што ги засега Албанците, другите заедници и мултиетничкиот карактер на државата. И тоа помина“.
Сега, додава Ајллајбегу, се обидуваат сопствената врева да ја продадат како грижа за Албанците. Но Албанците добро ја знаат разликата.
„Кога беа на власт, ниеден чекор не го преземаа за да го донесат законот. Сега, кога законот се донесува, се прашуваат зошто се донесува. Јасно е зошто им е криво. Тие за 25 години не го направија, а ние го правиме за 25 месеци.
ДУИ треба да одлучи, дали ја подржува правичната застапеност гарантирано со закон или не? Толку е едноставна одлуката што треба да ја донесат.
Правичната застапеност не се брани со драми и навреди. Не се брани, со манипулации и со политички игри. Се брани со закон, со механизми и со одговорност“.
Според него, правичната и соодветна застапеност не е политички подарок, ниту услуга што некој им ја прави на Албанците.
Таа е, потенцира, уставно право, принцип од Охридскиот рамковен договор, но до денес никој немаше храброст да ја претвори во закон. „Вреди“, како што рече, го прави тоа.