Владата денеска ќе го намалува ДДВ-то за горивата


mickoski-gorivo-2.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Владата денеска ќе одржи седница на која треба да донесе нова мерка за ублажување на растот на цените на горивата – намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти, најави премиерот Христијан Мицкоски.


Најавата доаѓа пред утрешната корекција на цените на горивата од Регулаторната комисија за енергетика. Мицкоски вели дека со новата мерка Владата очекува намалување на цената на дизелот.

„Мерки веќе имаме за горивата, намалени акцизи за дизелот и безоловното гориво. Денеска повторно ќе имаме владина седница и ќе донесеме нова мерка – намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти. Со тоа очекуваме да има намалување на цената на дизел-горивото“, рече Мицкоски.

Тој признава дека намалувањето на данокот ќе има директни последици врз приходите во државната каса, но вели дека приоритет на Владата е заштитата на животниот стандард.

„Тоа ќе има импликации врз Буџетот, но наш интерес е да го штитиме стандардот на граѓаните. Не е лесно, ќе се бориме. Имаме неколку војни, најголема енергетска криза“, изјави премиерот.

Според Мицкоски, и покрај високите цени, горивата во Македонија ќе останат поевтини во споредба со земјите од соседството.

„Ќе остане убедливо најниската цена на горивата. Дали таа во суштина е ниска? Не е. Но, е поевтина од таа во соседството, каде што плаќаат 150, 180 денари и така натаму“, рече Мицкоски.

Новата мерка треба да биде разгледана на денешната владина седница, непосредно пред новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика за малопродажните цени на нафтените деривати.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK