СДСМ бара истрага за 5,5 милиони евра за прославата: „Да се следи трагата на парите“


sdsm.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

СДСМ бара да се отвори истрага за финансирањето на прославата за 35-годишнината од независноста и да се следи „трагата на парите“, тврдејќи дека Владата сè уште не ги објавила договорите, фактурите, исплатите и целосната листа на компании кои добиле или обезбедиле средства.


Маја Борозан од СДСМ на денешната прес-конференција рече дека станува збор за вкупно околу 5,5 милиони евра – околу пет милиони евра од нераспределената добивка на Државна лотарија и дополнителни околу 40 милиони денари од приватни компании.

„Пет милиони евра народни пари кога ќе се потрошат, граѓаните мора да знаат секој денар, секое евро каде завршило. Владата мора да ги објави договорите, анексите, фактурите, банкарските исплати, примателите, изведувачите, добавувачите и пресметаните даночни обврски“, рече Борозан.

Од СДСМ тврдат дека сомнежите дополнително ги отвора начинот на кој бил спроведен јавниот повик – според партијата, тој траел само пет работни дена и на него пристигнала една понуда.

Борозан побара да биде објавено колку точно чинел настапот на Дејвид Гета, вклучително неговиот хонорар, продукцијата, сцената, техниката, транспортот и меѓународниот тим, но и кога биле договорени и исплатени овие трошоци.

„Јавниот повик завршува на 8 мај, а само три дена подоцна власта веќе го најавува настапот на Гета“, рече Борозан, оценувајќи дека треба да се разјасни целата постапка.

СДСМ бара и информации за тоа кои домашни и странски компании биле ангажирани, колкав бил надоместокот на организаторот и колкава заработка оствариле „Стардаст“, односно „Авалон“. Борозан изнесе и тврдење дека „Авалон“ има блокирана сметка и побара да се објават податоците за платените даноци.

Дополнително, партијата бара да се објават имињата на приватните компании кои, според нивните информации, обезбедиле околу 40 милиони денари, поединечните износи што ги уплатиле и основата за уплатите.

Како уште едно отворено прашање Борозан ги посочи и приближно 1,75 милиони денари за кои СДСМ тврди дека биле собрани од продажба на билети.

„Кој ги наплатил, на која сметка завршиле и како биле даночно и сметководствено евидентирани?“, праша Борозан.

Од СДСМ бараат Владата веднаш да ги објави сите договори, анекси, фактури, банкарски исплати и даночни пресметки, како и целосната листа на приматели, изведувачи, добавувачи и приватни финансиери.

„Ако Владата не ги објави веднаш, мора да се отвори истрага. Мора да се утврди каде завршил секој денар, кој заработил и дали имало злоупотреба на народните пари“, рече Борозан.

Таа направи споредба и со прославата за членството на Македонија во НАТО, за која рече дека се одржала во 15 градови и чинела 240.000 евра, при што, според неа, биле објавени сите детали и документи.

Изнесените сомнежи и обвинувања се ставови на СДСМ. Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги отфрли критиките на опозицијата и рече дека одбележувањето на 35-годишнината траело еден месец, опфатило повеќе настани и дека на нив присуствувале повеќе од 200.000 граѓани. Тој тврди дека средствата од Државна лотарија на овој начин се враќаат „кај граѓаните и уметниците“, а најави дека Владата и во иднина ќе поддржува културни и спортски настани.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK