Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави видео од изградбата на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка, оценувајќи дека станува збор за еден од најголемите инфраструктурни зафати во државата.
„На делницата Бељаковце – Крива Паланка се градат мостови со столбови високи до 61 метар – повисоки од повеќекатници во урбана средина. Во изградбата ќе бидат вградени десетици илјади тони железо и 125.000 кубни метри бетон. Ова не е само железница, ова е инженерско чудо и доказ дека Македонија е способна за големи подвизи“, напиша Николоски на својот профил на Фејсбук.
Тој посочи дека изградбата на пругата претставува значаен чекор во развојот на железничката инфраструктура и подобрувањето на транспортната поврзаност на државата.
Железничката делница Бељаковце – Крива Паланка е дел од железничкиот Коридор 8, проект што треба да овозможи подобро поврзување на Македонија со европските транспортни мрежи.