Премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и денеска излегоа со спротивставени ставови околу измените на Изборниот законик, особено околу предложениот модел за гласање на дијаспората.
Мицкоски ја повика опозицијата на, како што рече, одговорност и зрелост, оценувајќи дека владината коалиција е усогласена за Изборниот законик, додека Филипче тврди дека проблем е можноста за, како што рече, изборни манипулации.
Мицкоски: Опозицијата да предложи решение, ние ќе го поддржиме
Премиерот изјави дека Владата очекува од опозициските партии конкретен текст со предлози за Изборниот законик, кој, според него, би бил прифатен.
Коментирајќи го предлогот на Филипче за формирање експертска група за Изборниот законик и гласањето на дијаспората, Мицкоски рече дека таквите тела често можат да го забават процесот.
„Од моето искуство и во животот и во политиката, ако сакате некоја работа да не се заврши, тогаш формирајте група или комисија и тогаш работата нема да добие тек како што треба да добие“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека СДСМ и Левица го блокираат процесот со, како што рече, изговор дека се загрозува гласањето на дијаспората.
„Тие четири месеци работеа во Парламентот, се договараа, преговараа и наеднаш кога сфатија дека треба да сработат нешто, тогаш заедно со другата политичка партија во опозиција Левица одлучија да го блокираат овој процес“, рече премиерот.
Владата нуди поддршка за предлог за дијаспората, вели Мицкоски
Мицкоски посочи дека опозицијата може да предложи експерти и сопствен текст за регулирање на гласањето на дијаспората, а Владата, како што рече, би го прифатила.
„Донесете текст во кој ќе биде вклучена и методологија како би гласала дијаспората поинтензивно, ние без да го проверуваме веднаш ќе го поддржиме“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека актуелната власт веќе организирала локални избори кои, според него, поминале во „скандинавски тек“, што се гледало и преку бројот на поднесени приговори.
Мицкоски оцени дека опозицијата треба да биде искрена кон граѓаните и своите поддржувачи и дека причините за блокадата, според него, се обид да се избегне соочување со изборите.
Филипче: Проблем е можноста за изборни манипулации
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека единствениот проблем со предложениот Изборен законик е, како што рече, обидот на ВМРО-ДПМНЕ да воведе механизми кои можат да ја доведат во прашање легитимноста на изборите.
„Тоа дека е дел од реформската агенда и тоа што власта кажува дека тоа е нешто што е за нив многу важно, меѓутоа не отстапува од тоа што таму се става еден член со кој сериозно може да се доведе во прашање легитимноста на било кои следни избори, е уште еден доказ дека нив Европа навистина не ги интересира“, рече Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ ја поддржува европската агенда, но не, како што рече, по цена на можност за изборна злоупотреба.
„Спремни сме и секогаш ја поддржуваме Европската агенда, но не по цена ВМРО да протне механизам со кој што можат утре да ги крадат изборите“, изјави Филипче.
СДСМ бара експертска дебата за гласањето на дијаспората
Филипче рече дека доколку се повлече спорниот член со кој се менува начинот на гласање на дијаспората, може да се отвори институционална дебата за можни решенија.
Тој предложи формирање работна група која би ги анализирала искуствата од други држави и би дала препораки за евентуални промени.
„Еве нека се формира работна група која доколку треба може да разговара за некој начин соодветен како поинаку би гласала дијаспората, да им се олесни, но не со примери какви што во Европа досега не функционирале“, рече Филипче.
Според него, треба да се анализираат можностите за електронско гласање или гласање по пошта, но само по стручна проценка и со обезбедени гаранции за изборниот процес.
„Нашата забелешка е принципиелна. Изборен грабеж, кражба нема да дозволиме“, порача Филипче.
Тој додаде дека СДСМ не е против гласањето на дијаспората, но дека сите промени мора да обезбедат фер и легитимен изборен процес.