Успешно заврши тридневната интензивна обука за пребарување и спасување во урбана средина, која ја спроведе Специјалната единица за справување со катастрофи (ΕΜΑΚ) на Противпожарната служба на Република Грција. Обуката беше организирана од Амбасадата на Република Грција во Северна Македонија, со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) и со спонзорство од авиокомпанијата AEGEAN која обезбеди воздушен превоз.
Програмата беше фокусирана на првичниот одговор по земјотрес, комбинирајќи теоретска обука со интензивни практични вежби, и беше наменета за припадници на противпожарните единици на Градот Скопје и на Општина Кавадарци. Тимот на обучувачи од Атина го сочинуваа заменик-командирот на Противпожарната служба на Грција и директор на Дирекцијата за справување со катастрофи при ЕМАК, Панајотис Јанопулос, заменик-командирот на Противпожарната служба на Грција, Харисис Гуројанис, поручникот на Противпожарната служба на Грција, Панајотис Веизис и офицерот на Противпожарната служба на Грција, Константинос Коцорис.
Обуката заврши со свечена церемонија за доделување на сертификати за учество, на која присуствуваа заменик-министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Ерџан Селими, генералниот секретар на Град Скопје, Славе Трпески, генералниот секретар на Општина Кавадарци, Тодор Ефремов, претставникот на UNDP во Северна Македонија, Армен Григорјан, како и претставници на противпожарните единици.
Станува збор за четврта обука по ред наменета за единиците од Северна Македонија, која се реализира со поддршка на Република Грција во рамките на билатералната соработка во областа на цивилната заштита и управувањето со природни катастрофи.
Во своето обраќање, амбасадорката на Република Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду, истакна дека, една година по трагедијата во Кочани и шумските пожари во Северна Македонија во 2025 година, Грција продолжува да го поддржува унапредувањето на билатералната соработка во областа на цивилната заштита. Инвестицијата во превенцијата, отпорноста и ефикасното управување со природните катастрофи денес претставува неопходност. Таа, исто така, нагласи дека во време кога климатските промени создаваат нови и сложени предизвици за регионот, прекуграничната соработка и меѓусебната помош се неопходни за брзо, ефикасно и координирано справување со кризни ситуации.