Со свечена воена церемонија во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, воздухопловниот ВИНГ го одбележа 10 Јуни – Денот на единицата, ден кој симболично го одбележува првиот воен лет во историјата на Армијата во 1992 година и кој денес е институционален белег на военото воздухопловство на Армијата
На свеченоста присуствуваа: началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, заменикот на началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, претставници на Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата и Командата за операции, поранешни команданти на воздухопловниот ВИНГ, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор, локалната самоуправа, како и бројни гости и соработници на единицата.
Командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски во своето обраќање им го честиташе денот на единицата на припадниците на Воздухопловниот ВИНГ истакнувајќи „ Благодарение на вашата посветеност, воздухопловниот ВИНГ денес претставува клучен капацитет на Армијата и исклучително значаен чинител во системот на националната и колективната безбедност“. При тоа додаде дека следува модернизација и опремување на воздухопловниот ВИНГ со најсофистицирани борбени системи и опрема, кои значително ќе придонесат за зголемување на оперативните способности, мобилноста и борбената готовност на единицата.
Во своето обраќање, командантот на воздухопловниот ВИНГ, полковник Драган Павловски се осврна на постигнатите резултати и развојот на единицата во изминатиот период, истакнувајќи дека воздухопловниот ВИНГ останува цврсто посветен на унапредувањето на своите способности, исполнувањето на националните и сојузничките обврски и развојот на персоналот како најважен ресурс на единицата. Тој нагласи дека за успешна реализација на досегашните и идните проекти и иницијативи очекува поддршка од секој офицер, подофицер, војник и цивилно лице, во насока на исполнување на преземените обврски и постигнување понатамошни успеси во развојот на военото воздухопловство на Армијата.
Во рамките на свеченоста беа врачени признанија и стимулативни мерки на припадниците кои со својата работа, резултати и професионален однос се издвоиле во извршувањето на задачите и дале значаен придонес во функционирањето и развојот на единицата.
Програмата беше дополнета со прелет на воздухопловите од составот на воздухопловниот ВИНГ, како и со прелет на воздухоплови Ф-16 од Военото воздухопловство на Република Грција и воздухоплови „Eurofighter Typhoon“ од Република Италија, реализиран во рамките на редовните активности за воздушно патролирање во регионот.
Во рамките на свеченоста беше реализирано и церемонијално предавање на првото борбено знаме на Баталјонот за воздушно набљудување и јавување, при што началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, му го предаде военото знаме на командантот на баталјонот. Овој чин претставува симбол на довербата, одговорноста и посветеноста во извршувањето на мисијата, како и потврда за значењето на единицата во рамките на системот за командување, контрола и воздухопловна поддршка.
Дополнително, одбранбеното аташе на Соединетите Американски Држави, полковник Даниел Сквајерс, му врачи признание на командантот на воздухопловниот ВИНГ, полковник Драган Павловски, доделено од страна на Военото воздухопловство на САД. Признанието му е доделено за стекнување со највисоки воени лидерски позиции во военото воздухопловство.
Во деновите пред одбележувањето на Денот на единицата беа реализирани повеќе спортски, хуманитарни и комеморативни активности. Припадниците на воздухопловниот ВИНГ организираа крводарителска и хуманитарна акција, спортски натпревари и положија свежо цвеќе во чест на трагично загинатите припадници на единицата, оддавајќи почит кон нивната служба, пожртвуваност и придонес во развојот на военото воздухопловство.