„Отворањето предмет од ДКСК за можен судир на интереси кај едно лице не е истрага за проневера на 5,5 милиони евра. Судир на интереси за член на Комисијата кој учествувал и како изведувач е само еден сегмент, за целиот скандал потребно е истрага од Обвинителството по трагот на парите“, велат од СДСМ.
„Арамијата Мицкоски излажа дека прославата чинела „нула денари“. Јавноста дозна дека биле потрошени 5,5 милиони евра. Потоа молк, се кријат докуименти, договори, анекси, исплати, фактури. Се крие дури и данок дали е платен. Така функционира организирана криминална група – крие за да не се откријат провизиите, матните зделки и злоупотребите. Граѓаните ја платија сметката на Мицкоски и имаат право да знаат каде завршил секој денар.
Затоа Јавното обвинителство мора веднаш да отвори предмет, да ја обезбеди целокупната документација, да го следи текот на парите и да утврди како биле носени одлуките. Каде е одлуката на Собранието на акционери на Лотароија која мора да постои согласно закон?
Кој орган го одобрил трошењето на над 300 милиони денари? На која седница била донесена одлуката, кој гласал за неа и врз основа на кој закон? Како е можно јавен повик да трае само пет работни дена и со пристигнала само една понуда а по три дена веќе да се најави настапот на Гета?
Мора да се утврди колку чинел настапот на Дејвид Гета, кога и од кого бил договорен и кога бил исплатен.
Колку заработиле „Стардаст“, односно „Авалон“, и како биле вршени исплатите додека компанијата имала блокирана сметка? Дали е платен данок воопшто? Каде завршиле приближно 1,75 милиони денари од продадените билети и дали за овие приходи бил платен данок?
Ова се премногу отворени прашања, премногу матни зделки. Премногу сокриени документи. Ако сè чисто и законски, документите немаше да се кријат.
Да немаше што да сокрие, арамијата Мицкоски немаше да ги лаже граѓаните дека прославата чинела „нула денари“. СДСМ бара целосна истрага од Јавното обвинителство. Народот не е ниту „талог“, ниту „идиот“. Не можете да ги трошите парите на граѓаните, да ги лажете и потоа да ги криете одговорите. Доаѓа времето на вистината и правдата“, се наведува во соопштението на СДСМ.