ДСМ преку соопштение упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски по неговото враќање од одмор, обвинувајќи го дека наместо конкретни резултати, повторно понудил низа изјави и обвинувања кон опозицијата, земјоделците и други чинители.
Од партијата иронично го нарекоа неговото патување „научно-образовна екскурзија“, посочувајќи дека Мицкоски, според нив, се претставува како експерт за економија, туризам, авиосообраќај, технологија, образование и информатичка технологија.
СДСМ се осврнува и на неговите изјави за чистењето на цевките во Гостивар, како и на тврдењето дека во државата во моментов се реализираат 1.200 проекти.
Од опозициската партија го обвинуваат премиерот и дека избегнувал да одговори на прашања поврзани со историјата и Македонската православна црква, додека, како што велат, повторно ја обвинил опозицијата за ширење паника по информациите за наводно загадена вода во Скопје.
„Знаеле ден порано за ‘хибридниот напад’ врз водата во Скопје. А зошто ништо не направија кога знаеле?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека повторно се упатувале закани со кривични пријави и постапки од институциите.
Критики упатија и кон односот на Владата кон земјоделците. Според СДСМ, земјоделците не протестирале кај откупувачите, туку барале решение од државата за проблемите со субвенциите, откупот и ИПАРД-фондот.
Во соопштението се коментираат и најавените инвестиции за кои Мицкоски рекол дека се во фаза на реализација. СДСМ посочува дека станува збор за три инвестиции – германска, американска и уште една за која премиерот не открил детали.
На крајот од соопштението, СДСМ иронично се осврна и на изјавата на Мицкоски дека за време на одморот бил со семејството и дека научил оти „4+4 не е осум дена, туку седум“.
„Само не ни кажа една работа: кога ќе појде во Гостивар на една здравица со гостиварска вода?“, прашуваат од СДСМ.