Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Народната канцеларија во Скопје се сретна со претставници на граѓанското здружение „САНО“, коешто ги обединува родителите и децата кои го победиле, или сè уште се борат со канцерот.
Тие ја информираа за минатата и тековна работа на здружението, како и за проблемите и предизвиците со коишто се соочени.
Мајките на излекуваните деца се навратија на тешко извојуваната победа на болеста, но и на отсуството на поголемо разбирање и поддршка во истата.
Според нив, справувањето со тешката болест во голема мера ќе биде полесно доколку постои финансиска поддршка од државата во форма на паричен надомест за време на болничкото лекување, како и во првите 5 години по лекувањето заради големиот ризик од враќање на болеста во овој период.
Децата ја запознаа претседателката со своите образовни и културни активности, како и со намерите и очекувањата.
Претседателката изрази восхит за нивната херојска борба и победа над опаката болест, поттик за остварување на младешките соништа и длабоко разбирање за нивните рационални барања.
Таа укажа на можноста „САНО“ да го користи просторот на Народната канцеларија за запознавање на јавноста и кревање на свеста за нивните енормни проблеми.