Оваа недела, во рамки на Денот на италијански дизајн во светот, Амбасадата на Република Италија во Скопје, во соработка со ИТА-Италијанска Трговска Агенција, организира конференција на тема: “НЕЕДНАКВОСТИ: ДИЗАЈН ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ“.
Конференцијата ќе се одржи во амфитеатарот А1 на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), во петок на 21 февруари со почеток во 12.00 часот.
Конференцијата ќе ја отвори Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Боро Јакимовски заедно со Министерот за Дигитална Трансформација, Стефан Андоновски и Н.Е. Паоло Палминтери, Амбасадор на Република Италија.
Овогодинешното, 9-то издание на ITALIAN DESIGN DAY, ќе претстави некои од најеклатантните примери на италијански урбан дизајн кои имаат за цел надминување на нееднаквостите, урбана иновација, урбана технологија и одржливост.
Посебен акцент ќе биде ставен на успешни примери за урбана регенерација и
развој на градот Торино кои ќе бидат презентирани од Кјара Лукини, Менаџер за регионален развој на ТОРИНО УРБАН ЛАБ (институција креирана во партнерство на градот Торино и Универзитетот Политекнико Торино, која ги обединува експертите, граѓаните и бизнисот во креирање решенија за урбана трансформација на градот). Во изминатите 25 години, Торино стана школски пример за урбана трансформација, каде благодарение на креативната пренамена на старите индустрски зони и згради, успешната стратегија за управување со сообраќајот, и промоцијата на економија базирана на знаење, градот успева да се позиционира како атрактивна бизнис и туристичка локација со сосема нов идентитет базиран на инклузивност, култура, гастрономија и модерна уметност.
Директорот Хабот за дигитална трансформација на Пиемонте (DIGITAL INNOVATION HUB PIEMONTE), Франческо Моска, ќе го претстави моделот на соработка и партнерство за одржливи иновации на фирмите и кластерите од Пиемонте во доменот на дигитални и сајбер иновации и дигитална одржливост.
На конференцијата ќе се претстави и Родолфо Пинто, млад италијански претприемач од Бергамо во областа на urban tech и climate tech, и експерт на тема одржлива урбана иновативност. Сопственик и извршен директор на SuperUrbanity, тој со години работи на дигитални решенија кои овозможуваат одржлив развој и транзиција на градовите и бизнисите.
Џовани Ботини, Претседател и Извршен директор на SYSTEMATICA, ќе презентира иновативни, инклузивни и одржливи решенија за урбана мобилност. SYSTEMATICA е италијанска консултантска компанија за транспортно планирање и мобилност со седиште во Милано и со претставништва во Мумбаи и Њујорк. Обезбедува широк спектар на
интегрирани консултантски услуги во областа на транспортот и урбанистичкото планирање, како што се стратешко консултирање и грижа за инфраструктурни инвестиции.
Italian Design Day е проект на италијанското Министерство за надворешни работи со кој се промовира дизајнот како универзална експресија на “Made in Italy”. Денот на италијанскиот дизајн се одбележува со богата програма со настани организирани од италијанските амбасади низ целиот свет.
Партнери во организацијата на настанот се Факултетот за информатички науки и комјутерско инженерство -ФИНКИ, БАУ АКЦЕЛЕРАТОР, и ЦАПРИС (Центар за напредни и пост -докторски истражувања при УКИМ. Настанот е финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и Europe House.