Потпишан План за соработка меѓу министерствата за здравство на Македонија и Бугарија


bg1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за здравство, Сашо Клековски, и министерката за здравство на Република Бугарија, Катја Ивкова, денеска, во Софија потпишаа План за соработка меѓу Министерствата за периодот 2026–2028 година.


„Со Планот се потврдува определбата на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во областа на здравството и медицинските науки, врз основа на еднаквост, реципроцитет и заемен интерес. Планот предвидува размена на информации и искуства, размена на специјалисти за обуки и консултации, учество на научни и медицински настани, реализација на заеднички научни и практични проекти, како и соработка при организирање курсеви и семинари“, соопшти Министерството за здравство.

Како приоритетни области на соработка се утврдени примарна и специјализирана медицинска заштита, болничка здравствена заштита, превенција и контрола на заразните и незаразните болести, како и епидемиолошки надзор, медицинска статистика, организација на здравствен одговор при вонредни состојби, електронско здравство, како и други области од заемен интерес.

Во рамки на посетата на Софија, министерот Клековски го посети и Универзитетскиот акушерско-гинеколошки болнички комплекс „Мајчин дом“, каде се запозна со работата на установата и со современите практики во областа на мајчиното и детското здравје, особено во делот на неонатологијата и грижата за новороденчињата.

Во разговорите со медицинските тимови биле разменети искуства и можности за унапредување на соработката, со посебен акцент на неонаталниот скрининг и рано откривање состојби кај новороденчињата.

„Мајчин дом“ располага со најголемата клиника по неонатологија во Бугарија, со оддел за интензивна нега и современа медицинска опрема, додека Националната генетска лабораторија во рамки на установата спроведува скрининг на новороденчиња, вклучително и метаболички и генетски испитувања.

„Потпишувањето на Планот за соработка претставува дополнителен чекор во јакнењето на добрососедските односи и институционалната соработка меѓу двете земји, со цел размена на знаења и добри практики и унапредување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните“, велат од Министерството.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK