Спасовски: СДСМ нема да го поддржи Законот за административни службеници, отвора простор за политички притисок врз собраниската служба


oliver-spasovski.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

СДСМ нема да го поддржи предложениот Закон за административни службеници, бидејќи, и покрај најавите за независност на собраниската служба, содржи механизми што можат да се користат за притисок врз вработените, истакна пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во своето обраќање во Собранието.


Тој посочи дека независноста на собраниската служба не е новина, како што се претставува од страна на власта, потсетувајќи дека вакво решение било воспоставено во периодот од 2020 до 2024 година.

„Луѓето во Собранието го имаа ова пред шест години како право и го има од 2020 година до 2024 година, додека ВМРО-ДПМНЕ не дојде на власт. И се сеќавате дека тоа го укинаа како право“, истакна Спасовски.

Тој потсети дека во 2019 и 2020 година и ВМРО-ДПМНЕ го поддржувала концептот на независна собраниска служба, оценувајќи дека денес е некоректно повторното воспоставување на одредени решенија да се претставува како историски исчекор, без да се признае дека дел од тие права веќе постоеле.

„Да, тоа што сме го направиле заеднички, сме го направиле заеднички. Собраниската служба треба да има независност и тука нема дилема, но собраниската служба не може преку други одредби таа независност да ја губи и на директен начин да се врши собраниски притисок, политички, којшто го има“, нагласи Спасовски.

Тој предупреди дека одредбите за преместување, оценување и дисциплинска одговорност на административните службеници можат да отворат простор за злоупотреби и политичко влијание врз вработените.

„Ставате одредби со коишто можете да ги дисциплинирате сите во службата, во администрацијата, па и во собраниската служба“, рече Спасовски, осврнувајќи се на можноста негативното оценување да доведе до губење на работното место.

Спсовски рече дека професионалната администрација мора да биде заштитена од политички притисоци, а независноста не смее да остане само декларативна, додека истовремено се воведуваат механизми што можат да се користат за пресметка со вработените.

Осврнувајќи се и на прашањето за независноста на собраниското обезбедување, Спасовски посочи дека институционалните решенија треба да се разгледуваат отворено и транспарентно, наместо да се создава впечаток дека претходно донесените одлуки се непознати или спорни.

„Ако се проценува дека независноста на собраниското обезбедување е пречка за Собранието за нешто, тогаш ќе се смени таа одлука и ќе донесеме некаква нова одлука. Сосема легитимно и отворено. И заради тоа што во овие измени, од една страна, се добива независност на собраниската служба, а од друга страна, строги механизми и модалитети коишто ќе значат пресметка со независната собраниска служба. И тоа се причините заради коишто ние нема да го поддржиме овој закон“, порача Спасовски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK