Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да уживаат во дводневниот филмски настан „Кратки ноќи добри филмови“, посветен на краткометражниот филм како форма што со сè поголема сила го освојува вниманието на светската и домашната јавност.
Настанот ќе се одржи на 20 и 21 јуни 2025 година, на две различни локации. Првата проекциска вечер ќе се случи во петок, на 20 јуни, пред Народниот театар во Гевгелија, а втората вечер, на 21 јуни (сабота), филмските проекции ќе се преселат во дворот на кафе- бар „У“Гевгелија. И двете вечери започнуваат во 20:30 часот, а влезот за публиката е слободен.
Програмата, составена од Стефчо Стефанов, вклучува внимателно селектирана колекција на наградувани краткометражни филмови и анимации кои се истакнале на значајни светски фестивали. Меѓу нив ќе бидат прикажани и филмови од македонска продукција, давајќи можност домашната публика да се запознае со современиот креативен израз на македонските автори.