Во просториите на Општина Гевгелија, се одржа состанок со присуство на претставници од повеќе институции кои според своите надлежности учествуваат во делот на превенција и справување со шумски пожари и пожари на отворено. Целта на состанокот беше зајакнување во делот на координацијата и планирање превентивни активности во пресрет на сезоната со зголемен ризик од пожари.
На состанокот беа донесени следните заклучоци: зачестена заедничка координација и комуникација меѓу институциите, организација на комбинирани патроли на терен, изработка и дистрибуција на едукативни флаери, организирање координативни состаноци со месните заедници за вклучување на локалното население во делот на превенција, користење на дронот кој е во функција на ТППЕ- Гевгелија, а по потреба и дронот на Пограничната полиција, се со цел откривање, навремена реакција и казнивост за сторување на нодозволени активности согласно закон, редовно следење на временската прогноза, особено на состојбата со ветровите и поднесување барање за назначување инспектор за пожари во Oпштината
Се апелира до граѓаните: во континуитет да се пријавуваат сите сомнителни активности на терен на повикувачкиот број 112, да не се пали оган на отворено, вклучително и на имот во лична сопственост, да не се фрлаат отпушоци на отворено и да се прават заштитни појаси покрај домовите и викендиците.
Општина Гевгелија продолжува со проактивен пристап и соработка со сите институции за навремена превенција и заштита на граѓаните и животната средина.