Одборот за реализација на Проектот од национален интерес, манифестација „Гевгелија град на културата за 2025 година“ распиша Јавен повик за избор на идејни решенија за заштитен знак (лого) и постер.
Конкурсни услови:
Право на учество на Конкурсот имаат сите физички и правни лица.
Еден автор може да понуди повеќе идејни решенија.
Заедно со идејните решенија е потребно да се приложи и текст со кој ќе биде објаснет концептот за дизајнот на заштитниот знак (лого) и постерот.
Конкурсни критериуми:
Идејното решение за заштитниот знак (лого) треба да биде адаптилно и да ги има следниве карактеристики:
• да биде прикажано во формат А4;
• да биде прикажано во 3 (три) варијанти: црно бела, црно бела негатив и во боја;
• да биде прикажано одделно и заедно со слоганот: ГЕВГЕЛИЈА – ГРАД НА КУЛТУРАТА 2025 ГОДИНА во 2 (две) варијанти: на македонски и англиски јазик;
• да биде изработено во моделите на бои RGB, CMYK и PANTONE- со точна техничка спецификација на боите;
• да биде изработено во векторски формат во: EPS, CDR (Corel Draw) и/или Al (Adobe iliustrator) фајл формат;
• да биде изработено во битмапирана форма во: GIF, JPG, TIF, и/или PNG фајл формат.
Заштитниот знак (логото) на манифестацијата треба да содржи визуелни елементи кои ја претставуваат културата, и/или културното наследство и/или традицијата и/или официјалните симболи на Општина Гевгелија и да ја одразува општината како една од водечките општини со богата културна програма, и висока грижа за културата и културното наследство и културните установи на локално ниво.
Учесниците може да изберат каква било техника за остварување на своето идејно решение за постерот, а да ја одразува културата во Општина Гевгелија. Идејното решение за плакатот треба да ги има следниве карактеристики:
• Димензија 70х100 cm, со 300 dpi во .psd формат со сите отворени лејери или во .ai формат; користениот фонт мора да биде вклучен;
• Димензија 60х30 cm, со 100 dpi во .psd формат со сите отворени лејери или во .ai формат; користениот фонт мора да биде вклучен;
• Димензија 90х50 cm, со 100 dpi во .psd формат со сите отворени лејери или во .ai формат; користениот фонт мора да биде вклучен.
Исто така, авторите треба да предвидат простор за официјалните логоа за манифестацијата „Гевгелија град на културата 2025 година“, Општина Гевгелија и Министерството за култура и туризам.
Документот испратен за селекција може да биде било во .jpeg, .png или .pdf формат (екранска резолуција 72dpi).
За избраните идејни решенија, авторите ќе добијат авторски надомест од 20.000 денари за заштитен знак (лого) и 10.000 денари за постерот за месечните програми.
Авторските права ќе се уредат со договор за откупување на правото на трајно и неограничено користење на авторските дела без никакви обврски кон авторите, освен утврдениот авторски надомест.
Краен рок за доставување на идејно решение:
Рокoт за поднесување на решенијата важи 7 (седум) дена сметано од наредниот ден од денот на објавување на Конкурсот.
Пријавите се доставуваат во електронска верзија на следната емаил адреса: [email protected], со назнака: „За Конкурс за избор на идејно решение за заштитен знак (лого) за Гевгелија – Град на културата 2025 година“ и „За Конкурс за избор на идејно решение на постер“.
Во емаилот со пријавите да бидат доставени и контакт-информации од авторите, како и кратки описи на идејните решенија.
Оценувањето на идејните решенија поднесени на Повикот за избор на идејно решение го врши Одборот за реализација на Проект од национален интерес, манифестација „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Изборот на идејните решенија ќе биде објавен најдоцна во рок од 3 дена од денот на завршување на Конкурсот.
Најдобрите идејно решенија ќе биде објавено на веб-страната и социјалните профили на Општина Гевгелија.
За какви било прашања во однос на Повикот, може да се обратите на телефонскиот број: 075 219 453.