Трговското друштво „Енергија Центар“ за производство и продажба на електрична енергија кое го основаше Општина Центар доби награда за компанија која во изминатите 12 месеци дала најголем придонес кон одржливоста и искористувањето на обновливи извори на енергија. Наградата ја додели Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, (УКИМ),) и ЕВН Македонија односно проектот TRANSIT каде учество земаат претпријатија со дејност во полето на енергетиката и обновливите извори на енергија. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на доделување на наградата истакна дека со основање на „Енергија Центар“ Општина Центар вложува во долгорочни инвестиции за бенефит и на следните генерации.
„Сакам да искажам благодарност за оваа награда која воедно е и признание дека Општина Центар ги носи иновациите и дека преку користењето на обновливите извори на енергија вложува во проекти на долг рок, за бенефит на многу следни генерации. Преку „Енергија Центар“ нашата цел е да поставиме фотоволтаични централи на сите институции под капа на општината. Тоа се основните училишта, градинките и Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“. А заштедите од намалените сметки за струја и од продажбата на вишоците електрична енергија да инвестираме во нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти кои ќе им бидат од корист на граѓаните“, изјави Герасимовски.
Герасимовски на денешниот Ден на енергија и одржливост кој го организира ФЕИТ каде беа доделени наградите исто така истакна дека покрај претпријатието Општина Центар отвори и „Енергетска канцеларија“ каде правните и физички лица може да се информираат за постапките и чекорите при поставување фотоволтаици.