НП Шар Планина бара стопирање на градбата на две мали хидроелектрани кои добиле нов рок за изградба до 2024 година

shar_planina_3254234234233
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Приватни фирми и понатаму прават обиди да продолжат со градење на две мали хидроелектрани, иако тоа е против планот за управување со заштитеното подрачје, соопштија денеска на прес – конференција од Јавната установа Национален парк Шар Планина.

Вработените на терен стопирале геодетски работи предвидени за продолжување со градба на тие објекти, по што одржале состанок со претставниците на фирмите и дознале дека имаат договор со кој им се продолжил рокот за градење на хидроелектраните.



– Изготвен е Анекс на договорот со кој давателот на концесијата Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжува рокот за концесионерски договори за користење на вода за производство на електрична енергија за малихидроцентрали Пена 84 и Пена 85 од 25.01.2023 до 25.11.2024 година. Понатаму, фирмата концесионер приложи и Решенија за изменување и продолжување на решението за стекнување на привремен статус за повластен производител од 25.01.2023 до 25.11.2024 година за Пена 84 и Пена 85. Ова решение за продолжување на рокот е потпишано на 15 јуни 2023 година од претседателот на регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ и доставено до Гравис Хидро, Министерство за економија, Министерство за животна средина и просторно планирање, Агенција за енергетика на и операторот на пазарот на електрична енергија и операторот на електродистрибутивниот систем. Ј.У.Н. П. Шар Планина воопшто не е известена за овие промени, изјави Ибрахим Дехари, директор на НП Шар Планина на прес-конференцијата.

Од Националниот парк изразуваат загриженост за нетранспарентноста при процесите кои се водат, а ги засегаат користењето на ресурсите, биолошката разновидност и локалното население на територија на паркот и целиот Полошки регион.

– Споменатата МХЕ Пена 84 со својата планирана траса поминува комплетно во зоната на активно управување, со што се прави прекршување на Законот за заштита на природата. Воедно, на истата траса, поминува и системот за водоснабдување на град Тетово со вода за пиење. Поради нестабилноста на земјиштето во овој предел Ј. У. Н.П. Шар Планина, во договор со Јавното комунално претпријатие Тетово, воведе забрана за движење на тој предел со цел да се заштити водата за пиење. Изградбата на вакви инфраструктурни објекти значи практично упад во овој многу значаен систем за населението во целиот Полошки регион. Планираните МХЕ се наоѓаат во Лешничката долина, во срцето на Шар Планина. Најпосетуваното место на Шарпланинскиот масив поради својата биолошка и пределска вредност. Очекуваме да бидат најдени решенија за раскинување на договорите за Пена 84 и Пена 85, а сите останати постапки да бидат веднаш стопирани, истакна Ибрахим Дехари.

Од Националниот парк потсетуваат дека согласно нивниот План за управување со заштитеното подрачје за наредните 10 години, не е дозволена изградба на нови хидроцентрали на територијата на Националниот Парк. Во моментот во Националниот парк оперативни се 13 МХЕ, а една завршена сè уште не е оперативна.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK