Ноемвриската синдикална кошница достигна 70.827 денари, Владата ги остава граѓаните сами да се справуваат со сè поскапиот живот, велат од ДОМ


denari-Depositphotos_340403824_L.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Ноемвриската синдикална кошница достигна 70.827 денари – ново месечно поскапување од 469 денари, односно дури 4.414 денари повеќе од почетокот на годината. Истовремено, дури и владината просечна потрошувачка кошничка во октомври скокна за 942 денари (1,6%) и достигна 59.149 денари, со најголем удар кај храната, зеленчукот, овошјето, домувањето, струјата и греењето, велат од ДОМ.


Од партијата додаваат дека додека и двете кошнички постојано растат, од министерството за економија и труд не убедуваат дека цените се во „релативна пазарна стабилност“ и дека „сме најдобри“.

„За каква стабилност зборува Владата кога граѓаните секој месец плаќаат сè поскапи сметки и се борат да го преживеат месецот од први до први? За граѓаните, инфлацијата не е статистички податок за фалење на прес-конференции. Тоа за нив значи помалку храна на трпезата, одложени сметки, откажани потреби и секојдневна борба дали платата ќе издржи до крајот на месецот. Кога минималната плата не може да ги покрие ниту основните трошоци, а платите не можат да ја стигнат ниту владината, а уште помалку синдикалната кошничка, тогаш станува јасно дека Владата нема стратегија за животниот стандард. Наместо навремена акција, граѓаните слушаат изговори дека ќе се интервенирало „само ако има потреба“ и празни ветувања дека „посветено се работи“ на минималната плата, додека секое поскапување веднаш ја јаде куповната моќ“, велат од партијата.

ДОМ оценува дека на граѓаните не им требаат владини самопофалби, туку итни и системски мерки: Итна заштита на реалните плати и целна финансиска поддршка за домаќинствата со најниски приходи и пензионерите; Реална, а не декларативна контрола на пазарот и строги санкции за ценовните злоупотреби и профитерството кај основните прехранбени производи; Системска поддршка за домашното производство на храна, наместо зависност од скап увоз; Забрзани субвенции за енергетска ефикасност и обновливи извори во домовите, за трајно намалување на сметките за струја и греење во пресрет на зимата.

ДОМ бара „Владата да престане да се крие зад статистички споредби и да одговори јасно: кога и со кои конкретни мерки ќе го запре падот на животниот стандард и ќе обезбеди платите реално да растат побрзо од трошоците за живот?“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK