Заштитата на природните ресурси и културното наследство, инвестициите во зелени технологии и примената на еколошки практики се клучните предуслови за развој на одржлив туризам. Токму овие прашања беа во фокусот на настанот „Ден на туризмот и културното наследство“, организиран од Турската агенција за промоција и развој на туризмот (TGA) во рамките на COP31 во Анталија, на кој Туркије ги претстави своите заложби за иднината на туризмот. Учесниците дискутираа за развој на туристички сектор кој во исто време ќе носи економски придобивки, но и ќе ги штити природните богатства.
Во услови на сè поизразени последици од климатските промени, одржливиот туризам станува еден од приоритетите на глобалната туристичка агенда. Туркије, како земја со значајна туристичка понуда, активно работи на трансформација на секторот преку поттикнување одржливи инвестиции, модернизација на туристичката инфраструктура и зачувување на културните вредности.
Во рамките на COP31 беа разгледани повеќе аспекти на оваа трансформација, како што се создавање национални модели за одржлив туризам, инвестиции во хотелската индустрија и инфраструктура, како и примена на иновативни решенија. Посебно внимание беше посветено на соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, како и на улогата на меѓународните туристички компании во воведувањето одржливи практики во сите фази на туристичкиот синџир. Дискусиите опфатија и конкретни климатски решенија во туризмот, вклучително и намалување на отпадот, електрификација, но и зајакнување на отпорноста на туристичките дестинации.
На настанот учествуваа високи претставници од водечките меѓународни туристички организации, меѓу кои Шиџун Лиу, извршен директор на Светската туристичка организација на Обединетите нации, Кристофер Имбсен и Наџиб Балала од Светскиот совет за патувања и туризам, д-р Јоанис Папас, директор за Европа на Глобалниот совет за одржлив туризам, како и Мартин Меки од Европската банка за обнова и развој. Меѓу присутните беа и претставници на водечки меѓународни туристички компании, како Експедија, Букинг.ком, ДЕРТУР Груп и ИзиЏет.

Значаен дел од активностите беше посветен и на промоцијата на културното и археолошкото наследство на Анталија. Министерот за култура и туризам на Туркије, Мехмет Нури Ерсој, најави дека обновениот Археолошки музеј во Анталија се очекува да биде отворен за посетители во 2027 година.
Анталија во рамките на COP31 беше домаќин и на повеќе од 40 меѓународни претставници од туристичката индустрија, меѓу кои организатори на конгреси, саеми и големи настани, туроператори од земјите на Заливот, Блискиот Исток, Индија, Европа и Обединетото Кралство, претставници на онлајн туристички агенции и меѓународни новинари. Гостите го посетија комплексот Анталија EXPO, каде што се запознаа со неговите современи капацитети и туристичкиот потенцијал на градот како меѓународна дестинација за конгреси, изложби и деловни настани.

Преку активностите во рамките на COP31, Министерството за култура и туризам на Туркије и Турската агенција за промоција и развој на туризмот имаат цел дополнително да ја зајакнат меѓународната позиција на земјата како дестинација посветена на одржливиот туризам. Истовремено, организирањето на COP31 беше значајна можност Анталија дополнително да се афирмира како светски центар за меѓународни конгреси, изложби и големи деловни настани.