Директорот на Царинската управа Бобан Николовски се пофали дека со засилени контроли за неполни пет месеци сработиле колку што претходно се завршувало во период од три години, но за споредба го одбра периодот од 2020 година до 2022 година кога границите се затвораа и се пропуштаа само возила кои пренесуваа лекови и храна.
„Царинската управа со засилени контроли постигна рекордни резултати годинава. За неполни пет месеци поднесени се 85 кривични пријави што е еднакво на вкупниот број пријави поднесени во тригодишен период од 2020 до 2022 година“, рече директорот Николовски.
Царинската управа изминативе месеци работела на сузбивање на долгогодишните криминали со употребувани возила, на злоупотребите и царинските измами со увоз на храна за избегнување на плаќањето давачки и за сите се поднесени соодветни пријави.
„Годинава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство, одделението за истраги при секторот за контрола и истраги поднесе 41 кривична пријава против 32 правни и 118 физички лица за сторени кривични дела со 140 возила. Директната штета нанесена на Буџетот на Македонија со избегнување на плаќање давачки изнесува 14,7 милиони денари или 239 илјади евра“, рече директорот Николовски и кажа дека измамата ја направила организирана мрежа од царински службеници, шпедитери, нотар и полициски службеник.
Откриле „мерцедес“ увезен во јули 2024 година, а прикажан како штотуку увезен, со лажно завршена царинска постапка и форензички докажано фалсификуван потпис и печат на фирма која воопшто не била поврзана со увозот на возилото. За овој случај кривични пријави се поднесени против деветмина.
Во друг случај откриле дека увозник, со помош на царински застапник, во период од 2022 година до 2024 година увезувал автомобили и за нив употребувал лажни податоци за да не ги плати давачките кон државата во износ од 1,6 милиони денари. На тој начин успеал да увезе вкупно 34 автомобили.
„Станува збор за вкупно 34 автомобили со нивна вкупна вредност 145.251 евра при што осомничените при царинење автомобили ги декларирале како моторни возила за превоз на стока за да избегнат плќање данок на моторни возила. За овој случај дополнително се наплатени 1,6 милион денари и се поднесени кривични пријави против две правни и две физички лица“, извести директорот Николовски.
Откриле и пет случаи во кои увозници на месо го тарифирале месото со пониски каматни стапки за да не платат 1 милиони денари или 178,9 илјади евра. Парите се наплатени, а против сторителите се поднесени соодветни пријави.
Директорот кажа и дека на ганичниот премин Пелинце, каде со години немало записник за царински прекршок кој завршил со кривична пријава, спречен е обид за криумчарење на злато и сребро во вредност од 2,4 милиони денари или 39 илјади евра.