Мисајловски ја презеде функцијата министер за одбрана: реформските процеси ќе бидат на врвот на агендата

Primopredavanje-funkcija-minister-za-odbrana-Vlado-Misajlovski-24.06-1f.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Денеска во Министерството за одбрана се одржа церемонија на која Владо Мисајловски ја презеде функцијата министер за одбрана од досегашниот заменик министер за одбрана Тирон Јајага.

Во своето прво обраќање пред вработените во Министерството за одбрана и Армијата, министерот Мисајловски истакна дека се обврзува дека ќе работи на јакнење на меѓународниот углед и позицијата на државата, а главен приоритет ќе биде целосно активирање на сите расположливи ресурси во функција на заштита на националните интереси.

„Реформските процеси ќе бидат на врвот на агендата, согласно целите на способност на НАТО соодветно ќе ја ажурираме стратегиската рамка која е основа за имплементација на реформските процеси во клучните области на одбраната. Со овие реформи соодветно ќе се зајакнат процесите на модернизација на Армијата, меѓународната соработка, системот на човечки ресурси, образованието и обука на персоналот, логистичката поддршка, воената инфраструктура, комуникацискиот систем и сајбер одбраната“, потенцира Мисајловски.

Тој нагласи дека останува на заложбите за стабилно и континуирано финансирање на одбраната согласно одлуките на НАТО Алијансата.

„Ветувам зголемување на реализацијата на капитални расходи и значително намалување на сите досегашни непродуктивни трошоци“, рече Мисајловски.

Во однос на вработувањата и професионалниот развој на вработените во министерството и Армијата, Мисајловски рече: „За вработување во Армијата ќе има објективни, транспарентни и прецизни критериуми. Ќе има квалитетен и професионален развој за воениот и цивилниот персонал во Армијата, ќе се воспостават транспарентни и јасни критериуми за избор и упатување на вработените за стручно усовршување, а за дипломатските мисии во странство и мировните мисии ќе се одлучува врз основа на стручност, заслуги и исполнување на меѓународните стандарди и стандардите на НАТО“.

Во своето обраќање Мисајловски изрази длабоко сочувство до семејството на неодамна починатиот професионален војник.

Заменикот министер за одбрана Тирон Јајага се заблагодари на вработените во Министерството за одбраната и во Армијата, а на министерот Мисајловски му го честита изборот и му посака успех во исполнувањето на оваа функција.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK