Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашање до министерот за култура, Зоран Љутков, кои се однесуваа на македонскиот јазик. Односно, кога ќе почнат да ги исполнуваат обврските од Законот за македонски јазик, бидејќи не е исполнета ниту една обврска и дали не се срамат затоа што досега ништо немаат направено за македонскиот јазик.
„Јас сум горда, што припаѓам на партија и работев за Влада која што докажа како се сака, брани и почитува македонскиот јазик. А знаете зошто го велам ова? Затоа што токму во периодот на Владата на СДСМ, се спроведоа државнички политики за заштита, афирмација и унапредување на нашиот македонски јазик.
Она што денес го гледаме во однос на унапредувањето и афирмирањето на македонскиот јазик, е во склоп на сите останати политики на ДПМНЕ – ништо не е направено, не е спроведена ниту една политика-тотална незаинтересираност.
Дури ниту законските обврски не се исполнети, а тоа е недозволиво“, рече Лукаревска.
Девет месеци, според неа, ДПМНЕ не се сети и не покажа ни иницијатива за основање на Инспекторатот за употреба на македонски јазик, нема огласи за вработување на лектори.
„Па, оттука моите две прашања до министерот за култура Љутков се:
1. Кога ќе почнете да ги исполнувате обврските од Законот за македонски јазик?
2. Дали не се срамите за тоа што досега ништо немате направено за македонскиот јазик?“, праша Лукаревска