Во изминатото деноноќие, полициските службеници на територијата на Македонија лишиле од слобода 17 лица, а со уште едно лице бил извршен службен разговор поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.
Според информациите од МВР, десет лица управувале возила без положен возачки испит. Меѓу нив бил и 14-годишен малолетник од Виница, кој изгубил контрола над мопедот и паднал. Службен разговор бил извршен и со 19-годишник од Велес, кој учествувал во сообраќајна незгода со мотоцикл без регистарски ознаки и уште две возила, иако немал право да управува моторно возило.
Пет лица биле затекнати како управуваат под дејство на алкохол. Највисоко количество било измерено кај едно лице, кај кое биле утврдени 3,35 промили алкохол во крвта. Кај останатите биле измерени од 1,55 до 2,17 промили.
Две лица управувале возила и покрај активна забрана, а едно од нив претходно учествувало и во сообраќајна незгода. Во еден од случаите, 53-годишник од селото Мусинци, општина Могила, истовремено управувал без положен возачки испит и под дејство на алкохол, при што му биле измерени 2,92 промили.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Министерството упати апел до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, да не управуваат возила без возачка дозвола, под дејство на алкохол или за време на активна забрана. Апелот е упатен и до родителите да не им дозволуваат на малолетниците да управуваат моторни возила пред да се стекнат со законско право за тоа.