Во време кога македонскиот национален идентитет е под опресија на империјалистички и трибалистичките апетити на соседните држави, додека македонскиот јазик како клучна идентитетска компонента е негиран и погазуван (како на меѓународната политичка сцена, така и од домашните квислинзи) амбасадорката на САД, Анџела П. Агелер, испрати честитка на амнестираниот терорист Талат Џафери САМО на албански јазик, велат од Левицата.
Со овој чин, според нив, амбасадорката на САД директно и недвосмислено ги погази:„ Уставот на Република Македонија (член 7), согласно кој во меѓународни односи службен јазик на Република Македонија е единствено македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;
Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, која ја обврзува да ги почитува законите и прописите на земјата во која е поставена како амбасадор;
Овој чин на „стратешкиот партнер“, со погазување на македонскиот јазик и устав, најголем дел од македонските граѓани го доживуваат како директна закана по суверенитетот на државата. Воедно, ваквите политики се доживуваат како недвосмислено давање отворена поддршка и фаворизирање на политички партии и личности од страна на амбасадата на САД, кои со децении промовираат иредентистички политики на македонската политичка сцена“, се истакнува во соопштението на Левица .
Дополнително, како што велат, спроведувањето на ваквите нео-империјалистички пракси, покажуваат користење на албанскиот етникум за постојано креирање тензии, недоверба и опасни сценарија, не само во Македонија, туку и во целиот регион на Западен Балкан. Од ваквата политика во Македонија, според Левица, единствениот политички субјект кој добива е ДУИ, додека обичните граѓани, без разлика на нивниот етникум, заради тешките материјални услови, нефункционалната држава и националстички подгревања (кои не будат ништо друго освен етничка нетрпеливост и омраза) се принудени да се иселуваат.
Левица најостро го осудува газењето на македонскиот Устав и јазик.
„Цениме дека за ваквата политичка некоректност во најблага форма треба де следи протестна нота и повикување на амбасадорката од страна на ресорното министерство, за да го образложи овој „непријателски чин“ кон државата. Несомнено, оваа постапка одново подгрева етнички тензии, служи за национал-политички маркетинг и ги поткопува суверенитетот и интегритетот на државата, преку стимулација на јазичната федерализација“, се подвлекува во соопштението на Левица.