Предизвиците и можностите поврзани со дигиталната трансформација на локалните самоуправи во Северна Македонија, ќе бидат тема на денешната конференција „Од хартија до пиксели: Дигиталната трансформација на општините“ што ја организира УНДП.
Настанот ќе биде можност да се дискутираат идните чекори за поддршка на општините во нивните напори за дигитална трансформација, но, како што е најавено, се очекува да ги отвори и прашањата за транспарентноста и отчетноста пред граѓаните, за сајбер безбедноста и дигиталните капацитети.
На конференцијата ќе се обратат вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, како и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
-Изминатите неколку години Северна Македонија стави значителен акцент на дигиталната трансформација на нејзината јавна администрација, и на локално и на централно ниво. Оваа трансформација претставува исклучителна можност за подобрена транспарентност, доверба на граѓаните во институциите и подобар социо-економски развој. Сепак, и покрај силната политичка волја за дигитализација и создавањето на различни алатки за дигитални јавни услуги на централно ниво, бројот на локалните услуги е лимитиран, а бројни се предизвиците кои ја попречуваат нивната имплементација. Една од главните пречки за спроведување на дигиталната трансформација на локално ниво се ограничените технички и финансиски капацитети на општините да обезбедат функционални и сигурни дигитални решенија, како за внатрешните процеси така и за ангажманот на граѓаните. Дополнително, ниската дигитална свест кај некои граѓани и разликите во капацитетите на општините доведуваат до нееднаков пристап до услугите во зависност од нивното место на живеење, се наведува во најавата за настанот.