„InoVax“ – најдобра Џуниор Ачивмент ученичка компанија патува на Европски натпревар во Истанбул

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Победник на националниот натпревар на ученички компании за учебната 2022/2023 година организиран од Џуниор Ачивмент Македонија е „InoVax“ од средното училиште СЕТУГС „Михајло Пупин“ од Скопје.







„InoVax“ е ученичка компанија која со својот производ им помага на повозрасните лица и лицата со деменција, како и на нивните најблиски, за безбедно напуштање на нивните домови. Компанијата произведува Уред за лоцирање на возрасни лица и лица со деменција, соопшти Џуниор Ачивмент Македонија.

Второто место му припадна на тимот од Голем Одмор од СОУ Гимназија Јосип Броз Тито – Битола. Голем одмор нуди апликација и услуга за решавање на два проблеми со кои се соочуваат учениците – недоволното време на учениците да купат и консумираат оброк за време на големиот одмор на училиште, како и достапноста главно на брза и нездрава храна.

Третото место го освои ученичката компанија Genesis од ССОУ Димитрија Чуповски од Велес. Ученичката компанија Genesis има визија да биде синоним за високи стандарди во козметологијата, со воведување нови навики и трендови за разубавување, негување и чување на кожата, преку користење на најприродни состојки.

Националниот натпревар е завршен настан на кој ученици од средни училишта во земјата заедно со нивните наставници ментори ги презентираат своите ученички компании и своите производи и/или услуги создадени како дел од програмата Ученичка компанија на Џуниор Ачивмент Македонија Македонија. Оваа изборна образовна програма им овозможува на учениците да бидат вклучени во развој и менаџирање на сопствени компании, да креираат нови производи и услуги и да управуваат со финансиите на компанијата во рамките на своето средно образование. Програмата се заснова на принципот на учење преку работа – учениците преку наставната програма, под надзор на обучени менторски наставници, создаваат компанија, ја развиваат и затвораат во текот на учебната година.

За време на натпреварот кој се одржа од 10 до 12 мај во Струга, учествуваа повеќе од 120 средношколци, вклучени во 25 ученички компании од Берово, Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Куманово, Македонски Брод, Охрид, Прилеп, Ресен, Скопје, Струмица и Тетово. Победникот на натпреварот ќе има можност да се претстави на Европскиот натпревар во Истанбул, во конкуренција со претставници од 40 европски земји каде се спроведува програмата за ученички компании.

Националниот натпревар е дел од проектот за Поддршка на претприемничко учење во Европа и Евроазија поддржан од УСАИД и од Фондот за иновации и технолошки развој, а помогнат и од Агенцијата за поддршка на претприемништво на РСМ, Пакомак, GDI, Семос едукација и Бреинстер некст колеч.

Преку Програмата за ученичка компанија Џуниор Ачивмент Македонија се стреми да го поддржи развојот на генерации на средношколци кои развиваат претприемачки дух и начин на размислување.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK