„Има Договор и тој треба да биде имплементиран, ама легитимно е јасно да биде кажано дека потоа нема да има нови дополнувања, други чекори по патот, освен оние од нормалниот процес на реформи, аки, легислатива… тоа што и секоја земја мора да го направи”
Јасна порака дека Франција е подготвена да помага за да се деблокира македонскиот пат кон ЕУ, испрати францускиот министер за Европа, Бенџамин Хадад во ексклузивно интервју за „Надворешна – Светот во дијалог” вечерва на МРТ, прво воопшто за македонската јавност:
„Подготвени сме да внесеме повеќе доверба и сигурност во процесот. Важно е македонската влада да ги имплементира овие мерки, ама важно е и да се покаже дека ќе имаат конкретен резултат, дека ќе го поплочат патот на отворање на преговори и дека потоа ќе имате нормален процес – да правите реформи, отворате кластери, затворате поглавја и на крајот на патот да станете членка на ЕУ. Значи има Договор и тој треба да биде имплелентиран и мислам дека тука Владата во Скопје има одговорност и сакам да сум јасен за ова, но, сакам да кажам и дека ние сме пријатели на Северна Македонија, ние сме пријатели на нејзиното население и тука сме да помогнеме да се создаде доверба и дека нема да има повеќе билатерализација и дека ќе можеме да продолжиме после ова”, изјави тој.
На прашањето како ќе помагаат кога за официјална Софија ова е завршен договор и нема простор за интервенции, Хадад одговори: „Видете, ова можеби не е разговор што треба да го водиме сега, туку со луѓето околу масата. Но… има документ, има договор и тој треба да биде имплементиран како таков, тој не може да се менува. Сепак, уште еднаш – мислам дека е легитимно да биде кажано јасно дека кога ќе биде имплементиран – ОК, направено е тоа што треба и сега да продолжиме без нови услови, без нови дополнувања, без други чекори по патот освен оние од нормалниот процес на реформи, аки, легислатива, тоа што секоја земја мора да го направи. И оваа порака мора јасно да биде кажана од сите 27 земји членки! Сите! И ова е нешто што Франција го поддржува и на ова ќе работиме и со Комисијата и со другите партнери за да се прати оваа многу јасна порака.”
Хадад во интервјуто зборуваше и за новата комуникација на ЕК за проширувањето ценејќи дека постепената интеграција не е замена за членство, туку таа за кандидатите значи користење на низа бенефиции додека се чека влезот: „Не смееме да оставиме области среде континетот кои се отворени за дестабилизација, влијанија, непријателства. Знаете, често велам Скопје, Сараево, Белград… се поблиску до Париз од Украина! Имавме ужасна војна што го распарчи овој регион пред само три декади. Тоа беше вчера. И патот кон ЕУ е најдобриот начин да се воспостави мир и стабилност во овој дел од светот”, изјави Хадад.
Тој зборуваше и за состојбите во ЕУ, растот на крајната десница и прогнозите дека на изборите напролет ќе победи Марин Ле Пен, со коментар дека многупати во минатото таа водела на анкетите, но на крајот францускиот народ не ѝ дал доверба, оти, според него, граѓаните на Франција веруваат во европската идеја и нема да поддржат изолационизам.