Фактот што за само четири месеци се реализирани над 72% од планираниот буџетски дефицит е сериозен сигнал дека проекциите врз кои е скроен Буџетот за 2026 година биле или нереално оптимистички или политички мотивирани, велат од Левица.
Кога приходите потфрлаат уште во првиот квартал, а расходите продолжуваат со планирана динамика, тоа значи, додаваат од оваа партија, дека државата влегува во структурен јаз помеѓу фискалните амбиции и реалната економска база.
„Владата се обидува ова да го претстави како нормална работа за која што ќе следи ребаланс но бројките зборуваат поинаку. Ребаланс во услови кога веќе во април се исцрпени речиси три четвртини од годишно планираниот дефицит не е техничка корекција туку признание дека економската политика е промашена.
Особено загрижува фактот што потфрлањето кај приходите доаѓа токму кај клучните даночни категории: ДДВ, акцизи и персонален данок. Ниската реализација на ДДВ и акцизите укажува на забавување на домашната потрошувачка и слабеење на економската активност, додека слабата наплата на персонален данок дополнително потврдува дека растот на платите и вработеноста не го следи наративот на Владата“.
Наместо, како што посочуваат од Левица, да се адресираат структурните проблеми како неданочење на најбогатите, политика на рамни даноци, зависност од увоз, ниски плати и растечка ценовна нестабилност, Владата повторно се потпира на задолжување и краткорочно управување со ликвидност. Ова, според нив, е класичен модел на социјализација на кризата: профитите остануваат приватни, а товарот од фискалните промашувања се префрла врз граѓаните преку инфлација, нов долг и идни рестрикции.
„Дополнително, проекцијата за инфлација од 2,5% и раст од 3,9% веќе изгледа целосно невозможна. И самата Народна банка ги ревидира очекувањата надолу што значи дека Буџетот бил поставен врз нереални претпоставки уште од старт.
Потребна е сосема поинаква економска парадигма: прогресивно оданочување на високите приходи и капиталот, повисоки плати, посилна индустриска политика и таргетирани јавни инвестиции. Во спротивно, ребалансот што доаѓа нема да биде решение туку само административна потврда на веќе започнатата економска ерозија“.