Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наизглед призна дел од одговорноста за пропустите што доведоа до нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, но истовремено тврди дека одговорноста ја делат „сите“ во политичкиот, воениот и безбедносниот врх.
Тој нагласи дека „вистинското прашање“ е што се случи по тој датум, а не што му претходеше, пишува „Тајмс оф Израел“.
За време на опсежното интервју за емисијата „60 Minutes“ на американската телевизија „Си-би-ес“, Нетанјаху беше запрашан зошто сите безбедносни функционери поднеле оставки или биле сменети по нападот, освен тој. Одговори дека некои си заминале поради истек на мандатот, додека само еден или двајца „рекле дека преземаат одговорност, но не е јасно што значи тоа. Каква е нивната одговорност?“. Овие изјави, како што наведува „Си-би-ес“, биле кажани во дел од разговорот кој не бил емитуван, а се објавени во целосниот транскрипт.
„Да ги погледнеме политичкиот, воениот и безбедносниот ешалон. Да ги погледнеме сите, секој сноси дел од одговорноста. Да, од врвот, од премиерот надолу“, рече тој, повторувајќи го својот предлог за формирање истражна комисија која би ја именувала политиката, наместо независна државна истражна комисија.
Тој одби да формира таква комисија, која е највисок облик на истрага во земјата, иако анкетите доследно покажуваат дека ја поддржува јасно мнозинство Израелци. И самиот Нетанјаху во 2022 година поддржуваше таква истрага за постапувањето на претходната влада, но неговата сегашна влада тоа упорно го одбива и сè уште нема одобрено никаква истрага, повеќе од две и пол години по најсмртоносниот ден за Евреите од Холокаустот.
„Но, мислам дека вистинското прашање е што се случува по 7 октомври“, продолжи Нетанјаху. „Моја јасна одговорност беше да го извлечам Израел од оваа ужасна смртоносна јамка што ни ја наметнаа Иранците. И тоа го правевме систематски, многу одлучно, напаѓајќи го секој од тие седум фронтови, еден по друг, и сузбивајќи го бранот терор.“
На прашањето за сè почестата перцепција дека е склон кон конфликти, Нетанјаху изјави дека до 7 октомври бил сметан за „веројатно највоздржаниот премиер во историјата на Израел“ и дека тоа се променило по нападот.
„Ме сметаа за политички цврст, но воено многу воздржан“, изјави тој, говорејќи за својот мандат подолг од една деценија, во кој се спротивставуваше на повиците на десницата за општа војна против Хамас, сметајќи ја за непотребна. Бројни извештаи и некои високи безбедносни функционери јавно наведоа дека Нетанјаху и неговата влада повеќепати одбивале планови за ликвидација на високи лидери на Хамас.
„Тоа очигледно се промени на 7 октомври бидејќи сакаа да нè уништат. Не го сметав тоа само за напад на Хамас. Го видов тоа како напад на иранската оска со цел да нè уништи преку смртоносна јамка“, рече Нетанјаху.
На прашањето дали е можно да се сруши иранскиот режим, Нетанјаху одговори: „Мислам дека не може да се предвиди кога ќе се случи тоа. Дали е можно? Да. Дали е загарантирано? Не. Но, можам да ви кажам дека тоа е како банкрот. Напредува постепено и потоа се урива“. Додаде дека падот на иранскиот режим би значел крај за Хезболах, Хамас и Хутите, бидејќи Иран е „скелетот“ што ги држи.
Тој исто така процени дека Моџтаба Хамнеи, синот на Али Хамнеи, е жив и се наоѓа во некој бункер, обидувајќи се да наметне свој авторитет по смртта на неговиот татко, иако тој авторитет е помал од оној на претходникот.
Нетанјаху го припиша падот на поддршката за Израел во САД, особено меѓу младите, на „манипулациите со социјалните мрежи“ од страна на неименувани држави.
„Израел е опколен на медиумскиот, на пропагандниот фронт, и не се снајдовме добро во таа војна“, призна тој. „Мораме да се бориме против тие лаги со единственото оружје што го имаме – вистината.“
Нетанјаху ги отфрли обвинувањата за пораст на непријателството кон христијаните во Израел, нарекувајќи ги неодамнешните инциденти „изолирани отстапувања“.
„Христијаните напредуваат само во Израел. Во другите земји се згазени, угнетени, а понекогаш и масакрирани“, тврди Нетанјаху. Тој додаде дека секој војник или поединец кој ќе нападне христијански симболи или лица е казнет и дека Израел е единствената земја на Блискиот Исток која вистински ги штити и ги цени христијаните поради заедничките корени.
Фото: Depositphotos