Дијатомејска земја атракција за туристите во Вешје

veshje_2342434243243
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Дијатомејската земја во Вешје е вистинска атракција за туристите и затоа ние како екологисти ја ставаме високо на агендата за развој на алтернативниот туризам во Неготинско,  изјави за МИА, Сашко Тодоров, претседател на еколошкото здружение „Ековита” од Неготино.





Тој појасни дека оваа земја настанала во минатото, како резултат на таложење на праисториските дијатомеи, или алги од водените пространства од праисторијата.

– Ние како здружение на граѓани за заштита на животната средина, имаме своја рурална канцеларија во ова неготинско село. Дијатомеите се само едно од природните богатства со кои располага регионот. Имаме бројни активности планирани за наредниот период, меѓу кои и посета на рудникот на дијатомејска земја, информираше Тодоров кој е биолошки инженер.

Здружението неодамна  ја одржа и првата работилница, со цел да се запознаат присутните, со биодиверзитетот на алгите со кои располага Вардарскиот регион.

– За таа цел ги разгледувавме и испитувавме  праисториските дијатомеи од заборавениот рудник, но и сегашните зелени алги што се едноклеточни организми,  широко распространети во светот во најразлични форми. Вторите, за  работилницата, живи примероци, ги земавме од селскиот мрамор.  Ги споредувавме сегашните и праисториските дијатомеи. Во иднина вакви работилници ќе одржуваме и во соработка со училиштата, да ги запознаеме учениците со богатството од дијатомеи со кои располага нашиот крај, нагласи Тодоров.

Тој најави дека здружението планира, сите заинтересирани, да ги внесе во еден нов микросвет на дијатомеите, непознат за граѓаните.

– „Ековита” ги  поседува потребната опрема и стручен кадар за патување во микросветот на дијатомеите. Првата работилница ја одржаа двајца дипломирани биолошки инженери, информираше Тодоров, најавувајќи низа други интересни проекти во иднина.

Според сознанијата на „Ековита”, во минатото, француска компанија вршела експлоатација на дијатомејска земја, што се користела во пивската и винската индустрија, за филтрација на течностите.

Тодоров потсети дека при активностите во Вешје, екологистите редовно пристапуваат кон атрактивни моменти за присутните, нудејќи локално набрани тревки за чај приготвени на соларна енергија, како и друг вид на храна и пијалоци спремани на традиционален начин, типичен за тиквешкото поднебје.

Екологистите велат дека на туристите и сите други заинтересирани,  им нудат незаборавно доживување, да бидат дел од магијата и мистеријата на Вешје. Меѓу другото, да го посетат рудникот, да ги гледаат дијатомеите под микроскоп, да проследат едукативни предавања од стручни лица биолози, да ја слушнат атрактивната приказна за тоа како во минатото, дијатомејска земја се користела при правењето на традиционалниот производ од грозје маџун, кој се смета за лек и се враќа интересот за него.

За минералната суровина дијатомејска земја кај Вешје,  која пред околу пет милиони години настанала како резултат на вулканската активност во рабните делови   од некогашниот Тиквешки езерски басен и развојот на дијатомејската флора во самиот езерски басен, има и посебен труд од група автори од штипскиот универзитет Гоце Делчев, факултет за природни и технички науки. Се работи за професорите Виолета Стојанова, Ѓоше Петров, Блаже  Боев и Виолета  Стефанова.

Во трудот се презентирани резултатите од истражувањата на дијатомејска фосилна флора  и нејзиното значење за формирање на минералната  суровина. Со микропалеонтолошките истражувања на  флората, во седиментите од бушотините   кај Вешје, пронајдени се  разновидни дијатомеи, се вели во него.

Според овој труд, првите геолошки истражувања за овој регион датираат од времето на Турската империја. Во периодот по 1970 година,од страна на повеќе институции, се правени пресметки на рудните резерви, а е разгледувана и можноста за експлоатација и преработка на богатиот продуктивен  слој од оваа дијатомејска земја. Врз основа на извршените испитувања, дијатомејската земја  Вешје е со добар квалитет и како минерална суровина може да најде примена во порцеланската, прехранбената, хемиската и фармацевтската индустрија, но и како  средство за филтрација, како средство за деконтаминација на загадени површини и друго.

Во неготинското  село Вешје, „Ековита” имаше активности и за  22 Мај, што според Обединетите нации, се одбележува како меѓународен ден на биолошката разновидност.

Светлана Дарудова 

Фото „Ековита”

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK