Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на денешната собраниска седница за интерпелацијата на министерот Цветан Трипуновски, порача дека земјоделството е доведено во катастрофална состојба, а земјоделците се оставени сами, со скапо производство, евтин откуп и задоцнета поддршка од државата.
„Земјоделството не е само економска гранка, бидејќи тоа е храна на нашите трпези, тоа е живот во македонското село, тоа е егзистенција на десетици илјади семејства“, истакна Митрески.
Тој нагласи дека Трипуновски ја презема титулата најнеспособен министер за земјоделство во историјата на државата.
„Најнеспособен министер и најверојатно во историјата на Македонија ќе биде актуелниот министер Цветан Трипуновски“, рече Митрески.
Тој посочи дека состојбата на терен е полоша од кога било.
„Ситуацијата на терен воопшто не е подобра, туку напротив таа е многу, многу полоша. На секое поле каде што чепнавте направивте пустош. Додека владата зборува за успеси, земјоделците протестираат. Додека владата зборува за стратегии, селата се празнат. Додека владата зборува за развој, производителите се борат да преживеат“, нагласи Митрески.
Митрески ја разобличи и владината пропаганда за наводни успеси во земјоделството.
„Денес имаме владин виртуелен ПР наспроти сурова реалност. Ако се суди според прес-конференциите на владата, Македонија е земјоделска велесила. Ако се суди според ПР-објавите, земјоделците никогаш не живееле подобро“, рече Митрески.
Но, како што додаде, вистината е сосема поинаква.
„Реалноста не се обработува со соопштенија, ниту пак нивите раѓаат од Фејсбук-објави. Реалноста е поинаква. Земјоделците се незадоволни затоа што цените на репроматеријалите се високи. Ѓубривата, заштитните средства, семенскиот материјал, механизацијата, сè е поскапо“, истакна Митрески.
Тој порача дека земјоделците се соочуваат со задоцнети субвенции и понижувачки откупни цени.
„Земјоделците се незадоволни затоа што субвенциите доцнат или не се исплаќаат навреме. Земјоделците се незадоволни затоа што кога ќе дојде време да го продадат производот, ги чекаат ниски откупни цени кои не ги покриваат ниту производствените трошоци. Земјоделците скапо произведуваат, евтино продаваат, а државата доцни со поддршката“, рече Митрески.
Тој нагласи дека незадоволни се и граѓаните, бидејќи плаќаат скапа храна на пазарите.
„Секој ден одат на пазар, гледаат колку чинат доматите, пиперките, компирот, сирењето, месото и овошјето и се прашуваат како е можно земјоделецот да продава евтино, а тие да купуваат скапо. Е тоа е вистинското прашање и тоа е вистинскиот резултат од вашите политики“, порача Митрески.