Успешна одбрана на втор магистерски труд на монахињата Ефимија од Манастирот во Рајчица


efimija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На 9 јуни годинава, со благослов на својот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, монахињата Ефимија од Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица, успешно го одбрани својот втор магистерски труд, овој пат на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Трудот е насловен како: „Религиското образование во јавниот образовен систем – компаративна анализа со посебен осврт на Северна Македонија“. Ментор на овој значаен труд беше проф. д-р Анета Јовковска, а членови на комисијата беа и почитуваниот Митрополит Дебарско-кичевски проф. д-р Георгиј Ѓорѓевски и доцент д-р Дарко Анев.


Истражувањето е плод на долгогодишна работа и соработка по однос на ова прашање и нуди длабок теолошки, педагошки, правно-политички и општествен научен осврт. Низ детална анализа на устави, закони, образовни политики, како и на обемна компаративна анализа на европските и балканските модели, сестра Ефимија директно ја критикуваше тезата за неспоивост на секуларизмот со религиското образование. Притоа, се осврна и на историскиот контекст по Втората светска војна, чија што марксистичка идеолошка матрица се провлекува и во современиот демократски образовен контекст.

Фокусот на трудот е ставен на домашните состојби, со теза дека во Македонија не постои уставна пречка за интегрирање на ова образование, туку проблемот е во рестриктивното толкување на секуларизмот.

За потребите на трудот, беа спроведени две значајни истражувања и тоа квантитативно емпириско истражување (CATI метод), спроведено врз 1.200 испитаници, како и експлоративно истражување со родители, спроведено преку платформата Google Forms.

Како главен проблем кај нас, сестра Ефимија ја лоцираше малата временска рамка на застапеност на предметот Етика во религиите, и тоа од само 36 часови во едно полугодие во шесто одделение, со што воопшто не може да се искористи неговиот воспитен потенцијал.

Трудот нуди и конкретни препораки до институциите: враќање на претходниот задолжително-изборен статус на предметот Етика во религиите, системско решение за вработувањето на теолозите и постепено проширување на предметот низ повеќе одделенија.

За време на одбраната, монахињата Ефимија демонстрираше високо ниво на академска зрелост, критичко размислување и научно издржани аргументи.

Им изразуваме искрена благодарност на менторката и на членовите на комисијата, а на монахињата Ефимија ѝ упатуваме најискрени честитки, со желби за понатамошни академски успеси и пред сè, непрестаен устрем кон Господа Исуса Христа!

Извор Бигорски манастир

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK