Бигорски манастир: Струшката Еордија во најсјаен блесок

bigorski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Свештената бигорска обител во текстот посветен на Струшката Еордија  оценува дека традиционална литија станала сенароден настан, кој вчера ја следеле илјадници граѓани.







– Торжествата кои сè уште го следат серадосното празненство на Воскресението Христово, со особено ликување ги радуваат срцата на Христијаните не само од земјава, туку и од подалеку. Така, и оваа година традиционалната струшка Еордија, која веќе прерасна во сенароден настан кој собира огромно множество верни, восхитувајќи ги и сплотувајќи ги во еден дух и во една мисла, му оддаде благодарност и почит на големите светињи – моштите на Светиот Георгиј Победоносец од манастирот во Рајчица, неговата древна чудотворна икона, како и Крнинскиот образ на Мајката Божја. Како ниедна година досега, десетици илјади луѓе стоеја на улиците, тротоарите и плоштадите, следејќи ја раскошната литија, составена од Христовите свештенослужители, монасите, псалтите, бигорската мијачка гарда, знаменосците, Градскиот дувачки оркестар на Скопје и младите облечени во народни носии. За возврат, пак, сите добиваа обилен благослов од Мајката Божја и од Победоносецот, кои ги озаруваа нивните срца со вишен благослов, наведуваат од манастирот.

Додаваат дека празничната вечерна богослужба беше отслужена од страна на  Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, од  епископот Антаниски, г. Партениј, а на  особена радост, учество во вчерашното празнување во Струга за првпат земал учество и архиереј од Вселенската Патријаршија, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој допатувал на покана од владиката Тимотеј, за да биде негов почесен гостин.

-Дворот на струшкиот храм посветен на Светиот Георгиј, каде што заедно со светите архиереи богослужеше и голем дел од свештенството на Дебарско-кичевската епархија, беше преисполнет со огромен број верници, кои со нескриена радост се присоединија кон молитвената поворка за да го чествуваат чудесниот и народно омилен Светец Божји и да го испросат неговиот моќен благослов, посочуваат од Бигорски.

Искажуваат огромна благодарност до учесниците во литијата, кон организациониот одбор, особено кон старешината на храмот “Свети Георгиј”  отец Васко Голабоски, од Струга, како и кон сите стружани кои несебично се обединуваат, за да го издигнат и разубават овој сенароден настан.

Посебна благодарност, велат,  должиме и кон благословениот тим на фотографи и сниматели, кои несебично се потрудија да го документираат и овековечат ова несекојдневно блескаво собитие.

– Нека милостивиот и воскреснат Бог го прими овој подвиг за благослов и духовна поткрепа на целиот православен род, та во иднина да можеме во уште поголем сјај и торжества да ја славиме величествената струшка Еордија, која го направи градот Струга препознатлив во целиот свет, напоменуваат од Свештената бигорска обител.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK