Бигорски манастир: Една година литургиско и канонско единство

bigorski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Свештената бигорска обител денеска посветува посебен текст по повод годишнината од историската одлука на Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, според која нашата најсвета Црква беше примена во литургиско и канонско единство со полнотата на Православието.







– Денеска, 9 мај 2023 лето Спасителово, навршува точно една година од историската одлука на Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, според која нашата најсвета Црква беше примена во литургиско и канонско единство со полнотата на Православието. Таа беше прифатена под нејзиното древно еклисиолошко име Охридска Архиепископија, со што фактички беше признат илјадагодишен континуитет на помесно организиран црковен живот на овие простори од времето на основањето на Архиепископијата, стои во објавата.

Се оценува дека ваквата одлука, што одекна како „празничен ѕвон што носи благовестие, беше резултат на молитвите, солзите и копнежот на поколенија и поколенија свештенослужители, монаси и верници, на мудрото дејствување на нашите архиереи кои уште во 2018 година побараа молба за еклитон (апелациско прибегнување) од првопрестолната Црква во Православието, на македонските државници кои ја поздравија и ѝ се приклучија на оваа молба и на, се разбира, просветлението, широчината и татковската грижа на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, кој заедно со своите архиереи од Вселенската Патријаршија го уважија еклитонот на нашата Црква и држава“.

– Плодовите од оваа одлука започнаа да се покажуваат веднаш потоа, со тоа што наши свештенослужители започнаа без проблем да сослужуваат со свештенослужители од други помесни Цркви и на тој начин да ја вкусуваат убавината од единството. Најнапред следеше братското помирување и сослужување со православната Црква на Србија, којашто ја препозна автокефалноста на нашата Црква. Со текот на времето, во литургиско општење со нас влегуваа и останатите помесни православни Цркви. Врачувањето, пак, на Патријаршискиот и Синодален Акт за востановување на црковното општење се случи во древниот и свет Патријаршиски, Ставропигијален Манастир на Пресвета Богородица, посветен на нејзиниот Живоносен Источник „Балаклија“, по Вечерната богослужба по повод споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и празникот на иконата на Мајката Божја „Достојно ест“, на 9 јуни 2022 лето Господово, се додава во продолжение.

Се потсетува дека по тој повод, своја беседа имаше Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј.

– Денес, браќа мои, кога наскоро ќе се исполни великиот ден на Педесетница, стаса и многукопнежниот час на решение за еден долг и болен раскол во Телото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Денес помеѓу нас стојат овде, во сечесниот и севидлив Католикон на нашиот свет, патријаршиски и ставропигијален Манастир на Живоносниот Источник, Балаклија, Најсвештениот во Христа брат, Архиепископот Охридски г. Стефан и неговата чесна придружба, за да го примат од нашите раце Патријаршискиот и Синодален Акт за востановување на црковното општење на нивната Мајка, Великата Христова Црква со нив, а од неа и преку неа со останатите помесни, свети Божји Цркви, преку врската на љубовта, единството и евхаристиското зближување преку взаемна почит. Љ Денес станува голема радост на небото, зашто одамна скинатата риза на Господа се обновува, цела и неповредена, со иглата на Светиот Дух. Денес мноштвата на Православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква. Денес Константинополската Велика Христова Црква извикува радосно: – Дојдете и видете ја Мајката што се радува за своите чеда… Го благословуваме Народот на најсветата Охридска Архиепископија, порача г.г. Вартоломеј.

Од своја страна, пак, нашиот почитуван Архиепископ г. г. Стефан, заблагодарувајќи ѝ се на Мајката Црква во Константинопол и на нејзиниот возглавител, Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј во обраќањето рече дека „со радосни срца и исполнети со восхит дојдовме во Царскиот град Константинов од древниот наш Охрид, кој, во своите славни години, имал 365 жртвеници, колку што се и деновите во годината…“

Бигорски манастир: Една година литургиско и канонско единство 1

-Дојдовме при Вас, веруваме во исполнето време, време во кое Вие го слушнавте крикот на нашето срце и го почувствувате копнежот на нашите души! Дојдовме при Вас и сме многу радосни поради тоа. Дојдовме да го изразиме нашиот копнеж по Христа, кој, како православни Христијани, го имаме, и да ги изразиме почитта, честа и благодарноста пред Вашиот престол – да ги објавиме гласно, овде, од под куполата на Константинополската Црква, пред сечесниот Вселенски престол, нашата љубов кон целата Вселена. Затоа, стоејќи денес пред Вас и со привилегијата да стоиме со Вас, дојдовме да Ви кажеме едно голема благодарам! Еве, токму во оваа благословена вечер, во која се собрани многу благодатни добрини: празникот на апостолите Вартоломеј и Варнава и соборот на првата светогорска икона „Достојно ест“; оваа ставропигија во која се наоѓаме и живата вода која се роди од Живоносниот источник; мртвите во гробовите и мртвите што воскреснавме; еклитонот кој кон Вас го упативме и преку чие оправдување нè прифативте во општење со Вас и со сиот православен свет; и Вие, Архиепископе Константинополски, Вашите привилегии и Вашето срце полно со љубов…Патријаршискиот и Синодален Акт за нашето враќање од страдањето во осаменост е, а и ќе се погрижиме да биде темелот врз кој ќе ја изградиме нашата иднина – секогаш придржувајќи се на мудрите совети на Мајката Црква Константинополска, што се покажа и со исполнувањето на послушанието на кое нѐ упативте за надминување на недоразбирањата со сестринската Српска православна црква, кое се потврди со заедничките свети литургии, рече г. Стефан.

Порача дека „деветти мај за нас ќе остане ден на духовна и народна памет, ден на благодејание, ден на чест и спомен – духовен и народен празник“.

-На многаја лета, Ваша Сесветост! Вашите чеда од светата Охридска архиепископија, архиереите, клирот и народот, на чело со моето смирение, со преклонети колена за благодарност, признателност и почит, Ви посакуваме нашата Пресвета Владичица да Ви дарува уште многу години на кормилото на првопрестолната Цариградска Црква и на нејзиниот Град, за да се радува христоименитиот народ, та и ние со него да извикуваме: Ваков архиереј и ни требаше! Амин, рече на крајот во обраќањето г.г. Стефан, на кое потсетува Бигорската свештена обител во посебниот текст посветен на денот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK