Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) по сопствена иницијатива отвори предмет во врска со наодите содржани во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кои се однесуваат на работењето на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Одлуката е донесена денес на колегиум на Комисијата, во рамките на нивните надлежности утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
„Предметот е отворен поради потребата од проверка на наводите изнесени во јавноста и медиумите, како и согледување на евентуални ризици од корупција, судир на интереси, злоупотреба на службена положба или други неправилности во работењето, во рамките на надлежностите на ДКСК“, соопштуваат од Антикорупциска.
Од ДКСК најавуваат дека во претстојниот период ќе ги преземат сите потребни дејствија за прибирање и детална анализа на релевантната документација и информации од надлежните институции, со цел целосно утврдување на фактичката состојба.
Од Комисијата додаваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек на постапувањето и за резултатите од истрагата.