Експертите предупредуваат дека покрај стресот, и исхраната може да придонесе за зголемување на кортизолот, особено кога често се консумираат слатки појадоци, засладени житарки, брза храна и рафинирани јаглехидрати како што е белиот леб.
Во последниве години, сè повеќе се зборува за кортизолот и неговото потенцијално негативно влијание врз здравјето, а социјалните мрежи, нутриционистите и здравствените портали често го истакнуваат како еден од клучните хормони што влијае на физичката и менталната состојба.
Кортизолот, познат и како хормон на стрес, е природен и неопходен дел од одбранбениот систем на телото, но неговите хронично покачени нивоа можат да бидат поврзани со замор, нарушувања на спиењето, зголемување на телесната тежина и постојано чувство на напнатост.
Иако стресот се смета за главна причина за покачен кортизол, помалку е познато дека исхраната може да игра важна улога и во неговата регулација. Одредени намирници и пијалоци можат да го стимулираат неговото лачење или да го отежнат одржувањето на хормоналната рамнотежа, поради што е важно да се знае кои треба да се консумираат умерено.
Слатки колачи за појадок
Појадокот треба да биде солен, богат со протеини и влакна. Причината е што слатките појадоци можат да предизвикаат ненадејно зголемување на нивото на гликоза во крвта, по што често следува подеднакво ненадеен пад. Телото го перцепира ова како стресна ситуација, па за да ги стабилизира нивоата на шеќер, го зголемува лачењето на кортизол.
Засладени житарки
Рафинираните шеќери што предизвикуваат ненадејни скокови на гликоза се наоѓаат и во засладените житарки. Експертите наместо тоа препорачуваат избор на храна богата со растителни влакна, како што се интегрални житарки, овошје и зеленчук, со додавање на протеини и здрави масти.
На пример, овесна каша со јаткасти плодови и бобинки или грчки јогурт со семки и овошје се подобар избор за одржување на стабилни нивоа на гликоза во крвта.
Брза храна
Општо е познато дека треба да се избегнува ултра-преработена храна, не само поради ефектот врз телесната тежина и здравјето, туку и поради можниот ефект врз хормоните на стрес. Храна како што се типичните оброци од брза храна често содржат големи количини сол, нездрави масти и адитиви кои можат да стимулираат воспалителни процеси во телото и да го зголемат метаболичкиот стрес.
На долг рок, ваквите ефекти можат да придонесат за покачени нивоа на кортизол. Ова не значи дека повременото консумирање на брза храна е проблем, но експертите нагласуваат дека таквата храна треба да биде исклучок, а не правило. Наместо тоа, се препорачува исхрана базирана на интегрална и минимално преработена храна која обезбедува постабилен извор на енергија.
Бел леб
Иако белиот леб често се смета за безопасен дел од дневната исхрана, неговиот ефект врз гликозата во крвта може да биде причина за претпазливост. Поради рафинираните јаглехидрати и ниската содржина на влакна, телото брзо го вари, што доведува до нагло зголемување, а потоа и пад на шеќерот во крвта.
Ваквите осцилации претставуваат стрес за организмот, што може да го зголеми лачењето на кортизол. Додавањето протеини како пилешко, мисиркино, јајца или сирење, како и храна богата со растителни влакна, може да го забави варењето и да ги стабилизира нивоата на гликоза.
Уште подобар избор се интегралните житарки, овесот или мешунките, кои, благодарение на нивната поголема содржина на влакна, обезбедуваат подолго чувство на ситост и помало влијание врз нивоата на кортизол.
фото/Depositphotos