Демократската унија за интеграција ја поздравува изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за подготвеноста на ВМРО-ДПМНЕ, доколку во Собранието има такво барање, да се оди на предвремени парламентарни избори.
„ДУИ континуирано ја истакнува потребата од стабилна, функционална и легитимна влада, која ќе ја одразува политичката волја и легитимитетот на најголемите заедници во земјата. Институционалната стабилност и правичната застапеност се предуслови за справување со предизвиците со кои се соочува земјата. Во таа насока, политичката подготвеност да им се врати на граѓаните правото на збор преку предвремени парламентарни избори, ДУИ ја оценува како сериозна и институционална можност, ставајќи го во преден план интересот на граѓаните, политичкиот легитимитет и долгорочната стабилност на земјата“, велат од партијата.
Претходно денес, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека доколку опозицијата поднесе барање во Парламентот за предвремени избори, власта ќе одговори позитивно. Тој посочи дека Владата има мандат од четири години и дека редовните парламентарни избори треба да се одржат во април 2028 година. Сепак, доколку опозицијата побара предвремени избори, Мицкоски порача дека тие ќе се одржат и очекува победа.